Откако ја совладале Барселона во некоја нокаут-фаза на ЛШ, финалисти биле Атлетико Мадрид (двапати), Ливерпул и Јувентус, а шампиони станале Манчестер јунајтед, Интер, Челси и Баерн

Рома можеби ќе игра во финалето на Лигата на шампионите (ЛШ), ако како мерило се земе една необична традиција од последниве 11 сезони во најсилното клупско фудбалско натпреварување во Европа.
Од 2007 година секој тим што ја елиминирал Барселона потоа најмалку играл во финалето на ЛШ, освен, секако, во годините кога шпанскиот гигант стигнувал до европската титула (2009, 2011 и 2015 година).
И во 2006 година Барселона го освои вредниот пехар, па од сезоната потоа, 2006/2007, почна оваа необична традиција, кога Ливерпул во осминафиналето беше подобар од Каталонците, по што англискиот клуб заигра во финалето, каде што, пак, загуби од Милан.

Потоа финалисти во ЛШ станаа, откако претходно ја елиминираа Барселона, уште и Атлетико (во 2014 и во 2016 година, во двата случаја во четврт-финалето ја совладаа Барса) и Јувентус (2017 година, четврт-финале). До титулите „преку Барселона“ стигнаа Манчестер јунајтед (2008, по победата над шпанскиот тим во полуфиналето), Интер (2010, полуфинале), Челси (2012, полуфинале) и Баерн (2013, полуфинале).
Рома во четврт-финалето сезонава ја елиминира Барселона по вкупниот резултат 4-4, по што италијанскиот тим оди понатаму поради правилото за повеќе постигнати голови на гости (во Барселона беше 4-1 за домаќинот, а во реваншот 3-0 за Рома).