Околу од 1,12 милијарди гледачи го гледале финалето на Светското фудбалско првенство во Русија, во кое се сретнаа Франција и Хрватска во јули годинава, објави Светската фудбалска федерација (ФИФА).

според ФИФА, вкупно 3,5 милијарди гледачи следеле најмалку една минута од дел од натпреварите во Русија, во периодот од 14 јуни до 15 јули. Овие податоци покажуваат дека повеќе од половина од светската популација над четири години летово гледала фудбал, пренесува „Франс прес“.

Анкетите спроведени од страна на ФИФА покажаа дека 3,4 милијарди гледачи го гледале Мундијалот повеќе од три минути, што е зголемување од 10,9 отсто од претходното СП во Бразил. Кога станува збор за 30-минутно гледање на натпревари, анкетите покажуваат дека 2,49 милијарди луѓе гледале најмалку 30-тина минути или една третина од натпреварите, што е значајно зголемување од 2014 година, кога во Бразил таа бројка изнесувала 1,95 милијарди.

ФИФА пресмета дека просечно, во живо, сите 64 одиграни натпревари ги следеле 191 милион гледачи. Дел од другите информации добиени од анкетата на Светската фудбалска куќа покажуваат дека 9,5 отсто од публиката или 309,7 милиони луѓе не гледале пренос во своите домови, туку тие натпревари ги следеле на дигитални платформи, на јавни собири или во барови и ресторани. Оваа бројка значително се зголемила за време на финалето на првенството меѓу Франција и Хрватска, каде 884,3 милиони луѓе го гледале финалето традиционално на телевизија и во домашни услови, додека 231,8 милиони гледачи гледале на дигитални платформи или надвор од своите домови.