Уште сме добар тим, но многу работи се случија сезонава и ако сакате да ја освоите Премиер-лигата, треба да играте речиси совршена сезона. Повеќето наши проблеми се резултат на ситуацијата со повредите. Многу работи се добри, некои дури и подобри отколку лани, но никој не ги гледа затоа што резултатите не се добри, вели Клоп во интервју за „Скај спорт“

ФУДБАЛ – ЈИРГЕН КЛОП, МЕНАЏЕР НА ЛИВЕРПУЛ

Во ексклузивно интервју за „Скај спорт“, Јирген Клоп, менаџерот на англискиот фудбалски првак Ливерпул, објаснува зошто им тргна наопаку сезонава, зошто очекува подобри времиња на Ливерпул и зошто тоа искуство го направило подобар менаџер. Ланилето Ливерпул ја прослави првата титула првак на Англија по 30-годишно чекање. Надежите беа дека серијата на успеси тукушто почнала. Тимот беше на врвот од можностите, не на надолна линија. Немаше знаци на самозадоволство, апетитите беа да се остане таму.
– Пред почетокот на сезоната знаевме дека сме добри. Тоа не значеше дека ќе ја освоиме титулата повторно, но тоа ја зголеми одговорноста да се постигне нешто. Уште сме добар тим, но многу работи се случија сезонава и ако сакате да ја освоите Премиер-лигата, треба да играте речиси совршена сезона – вели Клоп.
Сезонава е далеку од совршена за Ливерпул, иако почна добро, со три победи на првите три меча, по што следуваше тешкиот пораз од Астон Вила, 2-7, единствен пораз до крајот на годината, но кој ги навести проблемите што ќе следуваат. Потоа следуваше првиот пораз на Ливерпул на „Енфилд“, по речиси четири години, па вториот, третиот, четвртиот, најлоша серија на домашен терен речиси цел век. Во два месеца од 2021 година, Ливерпул загуби повеќе натпревари отколку во претходните две години.

– Повеќето проблеми се резултат на ситуацијата со повредите. Никогаш во кариерата, а во оваа работа сум веќе 20 години, не морав да ја менувам последната линија во одбраната секоја недела. Јас сум подобар менаџер сезонава од порано, затоа што обично не размислував за овие работи, но сега морам постојано да размислувам за нив. Не го користам тоа како изговор, тоа е моето објаснување зошто се сменија работите – вели Клоп.
Ливерпул ги загуби речиси сите централни одбранбени играчи и почна да губи. Нужните промени во тимот по повредите на Вирџил ван Дајк, Џо Гомез, Жоел Матип и на другите имаа последици по тимот, на целиот терен.
– Сите сме опседнати со детали и многу е важно малите нешта да функционираат навистина добро, затоа што тогаш тие стануваат влијателни на поголемата слика. Многу често тоа е битно за начинот на кој се браните. Работите на тоа, но не го менувате премногу, затоа што одбраната е битна за стабилноста. А ние моравме премногу често да го менуваме нашиот одбранбен начин за да имаме стабилност, тоа е вистината. Уште можеме добро да се браниме, но начинот на кој треба да се приспособиме го менува целиот баланс на тимот. Тоа звучи навистина специфично за фудбалот, но некој што е во него и ја врши таа работа ќе ви каже дека е вистина. Ги имавме сите проблеми што може да ги имате во фудбалот во една сезона – вели Клоп.
Клоп се смее на помислата и на спомнувањето на сето тоа.

– Не сум лут или што и да е, имам 53 години. Имав различни моменти во животот. Прекрасни моменти и помалку пријатни. Тоа се само фудбалски проблеми. Справување со фрустрацијата, со неуспесите, може да научите многу во овие моменти, тоа е неверојатно. Тоа е она што ќе го сториме, тоа помага во животот. Заедништвото во клубот е феноменално. Не сме лути едни на други и не си покажуваме со прстот едни кон други – рече Клоп.
Неговата самодоверба произлегува од сознанието дека функционираат неговиот начин на работа и стил на игра и од верувањето дека работите повторно ќе тргнат на добро откако ќе се вратат клучните играчи. Всушност, тој инсистира на тоа дека Ливерпул се подобрил во некои аспекти, иако резултатите во последно време го замаглија тој напредок. Тука, пред сѐ, се мисли на младиот Кртис Џонс, брзото приспособување на Диого Жота, пред повредата, и квалитетот што го донесе Тијаго Алкантара.
– Не можете да ги промените работите прекуноќ и да кажете сега ќе го растуриме целиот свет. Но повторно ќе се вратиме ако останеме смирени во умот и ако го искористиме ова време за да научиме.

Многу работи се добри, некои дури и подобри отколку што беа лани. Но никој не ги гледа, затоа што резултатите не се добри. Проблемот е во тоа што во фудбалот сѐ се врти околу резултатите и ако овие дреболии не дадат подобри резултати, тогаш луѓето нема да сакаат да слушаат за нив. Ако победиме на 15 или на 20 натпревари по ред, луѓето ќе ме слушаат и ќе велат: „Боже, какви генијални работи зборува тој“. Кога не победуваме, можам да ги кажам истите работи и луѓето ќе речат: „Да, да, да, само проверете дали сте го добиле мечот“. Јас го знам тоа, апсолутно не ми пречи. Јас сум одговорен за ова, не само сега, туку и во следните неколку години – рече Клоп.