Во финалето во Келн, Германија, Севилја го совлада Интер со 3-2 и шести пат во период од 14 години го освои вредниот трофеј

Севилја по шести, рекорден пат е победник во Лига Европа (ЛЕ)/ Куп на УЕФА, во период од само 14 години (2006, 2007, 2014, 2015, 2016 и 2020). Последна „жртва“ на Севилја, во финалето што се одигра во Келн, Германија, првпат зад затворени врати, без публика, поради пандемијата на коронавирусот, беше Интер (3-2).
– Овој тим го заслужи тоа. Се боревме цела година, минавме низ тешка состојба, како и сите и се справуваме со неа од ден на ден. Навивачите го заслужуваат ова, како и оние што го сакаат фудбалот – изјави капитенот на Севилја, Хезус Навас, за „Скајспорт“ за кого ова беше трет победнички трофеј во ова натпреварување.
Во Севилја пресметале дека 49 нивни фудбалери, тројца тренери, двајца претседатели и еден спортски директор, имаат удел во освојувањето на шестте трофеи во ЛЕ (во шест финалиња!). Како да има нешто мистично во овој клуб, кога станува збор за ова натпреварување во кое, како по обичај, тие секогаш победуваат.

За тренерот на Севилја, Жулен Лопетеги, кој не можеше да ги задржи солзите радосници по мечот, тоа е првиот позначаен трофеј во кариерата во европска конкуренција. Од друга страна, пак, поразот во финалето најави можно заминување на Антонио Конте од тренерската функција во Интер.
Кога сме кај тренерите и податокот дека од 2009/2010 година па наваму, шестмина тренери/менаџери на тимови победници во ЛЕ се од Шпанија, Унаи Емери (трипати), Кике Санчез Флорес, Рафаел Бенитез и Жулен Лопетеги, по еднаш.
Финалето ќе се памети и по двајца напаѓачи, Лук де Јонг, кој даде два гола за Севилја и по Ромелу Лукаку од Интер, кој го постигна првиот гол за својот тим, и „помогна“ при третиот за шпанскиот тим! Мала утеха за Лукаку е тоа што на 11-от меч во низа даде гол во ЛЕ, што е најдолга серија, вкупно 34 гола во сите конкуренции сезонава, со што се израмни со клупскиот рекордер, Бразилецот Роналдо, кому тоа му успеа во сезоната 1997/1998.

– Триумфот им го посветувам на навивачите на Севилја. Јасно ми беше уште во групната фаза колку им е важен овој пехар. Знаевме дека доколку го освоиме, тоа ќе биде за нас и за нив, еднакво – рече Де Јонг.
Покрај Навас, Де Јонг и Лопетеги, во фокусот на вниманието на шпанската јавност е и Аргентинецот Евер Банега, креаторот на играта на Севилја.
„Тимот игра добро, кога тој игра добро“, ќе каже за него Лопотеги. Контроверзниот Банега (32), кој беше дел и од тимот што триумфираше во 2015 и 2016-та, кариерата ќе ја продолжи во Саудиска Арабија. Тој има настапувано и за Валенсија, Атлетико и за Интер во Италија, но со променлив успех. Но константни беа неговите испади, неспортскиот живот, излегувањата до доцна во ноќните клубови, пијанки и слично, но и добрите игрите на теренот, по сѐ.