Спортскиот арбитражен суд (САС) му ја укина двегодишната забрана за настап во европските клупски натпреварувања на премиерлигашот Манчестер сити. САС објави дека клубот е ослободен од обвиненијата за „прикривање на капиталните фондови како придонеси за спонзорство“. На Сити му е намалена и паричната казна од 30 на 10 милиони евра. Европската фудбалска унија (УЕФА) му изрече двегодишна суспензија на Сити во февруари.

При донесувањето на пресудата, САС рече дека Сити „не соработувал со УЕФА“, но го поништи решението на Одделот за финансиска контрола (ЦФЦБ) на УЕФА за казнување. Од Сити изјавија дека одлуката на САС е „валидизација на позицијата на клубот и на доказите што ги достави“. Одлуката на САС значи дека Сити, кому му е загарантирано второто место во Премиер-лигата сезонава, ќе игра во Лигата на шампионите (ЛШ) во сезоната 2020/2021.

Избраниците на Пеп Гвардиола ги очекува реванш-мечот во осминафиналето на ЛШ сезонава со Реал Мадрид, дома на 7 август (по првиот меч Сити води со 2-1) и ако се пласира понатаму, во четврт-финалето ќе игра со подобриот од дуелот Јувентус- Лион (0-1), на турнирот што треба да се одржи во Лисабон.