Нашиот сон е играње во Лигата на шампионите. Не сакам само да учествувам, сакам да победувам. Се разгалив во велосипедизмот и сакам со тоа да продолжам и во фудбалот, рече Сквинци во 2017 година. Сасуоло, тимот што пред само 14 години играше во четвртата италијанска лига, сезонава е со амбиции дури и за пласман во Серија А, што води во Лигата на шампионите

ФУДБАЛ – ИТАЛИЈА

Сасуоло е едно најпријатните изненадувања во фудбалската Серија А сезонава, моментално е шести на табелата (синоќа му гостуваше на Јувентус), со амбиции дури и за пласман што води во Лигата на шампионите (ЛШ). Сасуоло, тимот што пред само 14 години играше во четвртата италијанска лига, го носи името на најмалиот град што има клуб во Серија А, по Втората светска војна. Сасуоло е гратче со само 40.000 жители, кое се наоѓа во „срцето“ на индустриската Емилија Ромања, помеѓу Модена и Реџо Емилија.
Откако една сезона го спонзорираше клубот, Џорџо Сквинци, сопственикот на компанијата за хемикалии „Мапеи“, фанатик за велосипедизам и навивач на Милан, реши да го купи клубот во 2003 година. Во 2006 година, Сасуоло сѐ уште беше четвртолигаш, а во елитната Серија А влезе во 2013 година, по петте години во Серија Б. Сквинци почина на крајот од 2019 година, но неговото наследство во начинот на функционирање на клубот, на и надвор од теренот продолжува .„Никогаш не престанувај да ги вртиш педалите“, беше мотото на Сквинци во потрагата по совршенство, пишува „Би-би-си“.
За време на 10-те години во професионалниот велосипедизам, тој го однесе тимот на „Мапеи“ на врвот. Данецот Тони Ромингер победи на Вуелта во 1994-та и на Џиро д’Италија во 1995 година. Откако излезе од велосипедизмот во 2002 година, Сквинци ја примени истата филозофија и во фудбалот. Тој му даде на Сасуоло финансиска стабилност и внесе работна етика, дополнета со професионална структура, вреден скаутинг-систем и најсовремен тренинг-центар, кој беше завршен во 2020 година, за да се совпадне со стогодишнината од постоењето на клубот.

Станува збор за комплекс од 45.000 квадратни метри, со шест фудбалски игралишта, покриени терени, затворен базен и медицински оддел, изграден за 14 месеци, што чинеше 12 милиони евра.
Клупските амбиции најдобро се покажаа во два наврата, во 2008 година, со напуштањето на стадионот „Енцо Ричи“, со капацитет од 4.000 места, за да ги играат домашните натпревари во Модена, 20 километри североисточно. Потоа, во 2013 година, кога влегоа во Серија А, се преселија во Реџана, оддалечена 25 километри на северозапад. За неколку месеци, Сквинци го купи „домот“ на Реџана и го преименува во стадион „Мапеи“.
„Црно-зелените“ се интересни за гледање, играат напаѓачки фудбал, со намера да постигнат еден гол повеќе од противникот. Минатата година со Интер одиграа два интересни меча, реми 3-3 и пораз со 3-4. Сезонава на пет натпревари постигнаа најмалку по три гола и примија барем исто толку во четири наврати.

Нивниот главен адут се чини е менаџерот Роберто де Зерби (41), кој оди по стапките на претходниците, Стефано Пиоли, Масимилијано Алегри и Еузебио ди Франческо, кои стекнуваа искуство во Сасуоло пред да се наметнат на друго место. Минатото лето Зерби ја одби понудата на Рома за тригодишен договор и, наместо тоа, го продолжи договорот со Сасуоло за уште една сезона. Во декември ја одби и понудата за тригодишен договор од Спартак Москва.
– Тој совршено се вклопува кај нас. Тој е идеален менаџер за подобрување на младите играчи, но исто така може да работи и со етаблираните – изјави неодамна извршниот директор на Сасуоло, Џовани Карневали, за „Скај Италија“.
Составот на Де Зерби е комбинација на искуство и на младост. На едната страна се триесетгодишниците, голманот Андреа Консилји, напаѓачот Франческо Капуто и капитенот Франческо Мањанели, кој неодамна го прослави 500-от настап за клубот. Меѓу помладите играчи се поранешното крило на Челси, Џереми Бога, италијанските репрезентативци Мануел Локатели и Доменико Берарди и фудбалерите што се на заем, Максим Лопез и напаѓачот Хамед Јуниор Траоре, постариот брат на последното засилување на Манчестер јунајтед, Амад Диало.

Но како најважно се смета тоа што Де Зерби и клубот успеаја да го убедат Берарди да остане. На 26-годишна возраст, Берарди во минатото беше пред заминување во Јувентус, односно во Интер. По неколку турбулентни години, тој созреа и стана најдобар стрелец на сите времиња на клубот, со 95 погодоци на 275 натпревари. А сосема случајно дојде во Сасуоло. На 16-годишна возраст, тој го посетил својот брат, во тоа време на студии во Модена, и учествувал во меч, пет на пет. Тогаш го забележал пријател на скаут на Сасуоло, кој го убедил да го покани тинејџерот на проба. Десет години подоцна Берарди вреди повеќе од 30 милиони евра и е дел од репрезентацијата на „аѕурите“ што ја предводи селекторот Роберто Манчини.

– Ние би сакале тој да стане симбол на нашиот клуб. Имавме многу понуди за него, но не можеме да ги продаваме нашите најдобри играчи, а тој е еден од нив – рече Карневали минатото лето.
Амбицијата на Сквинци продолжува и по неговата смрт, персонифицирана со постојаната вклученост во клубот на неговиот син Марко.
– Нашиот сон е играње во Лигата на шампионите. Не сакам само да учествувам, сакам да победувам. Се разгалив во велосипедизмот и сакам со тоа да продолжам и во фудбалот – рече Сквинци во 2017 година.