Маурицио Сари

Тој со Челси сезонава ја освои ЛЕ, сега со Јувентус ќе оди на трофејот во ЛШ идната сезона, а два различни европски трофеја во две години претходно освоиле Пејсли, Мурињо и Бенитез

Маурицио Сари, откако завчера стана нов тренер на италијанскиот фудбалски првак Јувентус, ќе има можност во новата сезона на Лигата на шампионите (ЛШ) да израмни еден тренерски рекорд, кој сега го држат Боб Пејсли (Англија), Жозе Мурињо (Португалија) и Рафаел Бенитез (Шпанија).

Засега тројцата се единствените што во две сезони по ред освојувале европски трофеи, и тоа прво во Лига Европа, а потоа во следната година и во Лигата на шампионите. Пејсли и Мурињо го направија тоа со исти клубови, Англичанецот со Ливерпул во 1976 (тогашен Куп на УЕФА) и во 1977 година (тогашен Куп на шампионите), а Мурињо со Порто (2003 и 2004 година). Бенитез во 2004 година беше победник со Валенсија во Купот на УЕФА (сега Лига Европа), а во 2005 година со Ливерпул во ЛШ.

Италијанецот Сари сезонава славеше со Челси во Лига Европа, а во следната ќе го предводи Јувентус во ЛШ. Меѓу фудбалерите има повеќе со ваков успех, а во новата сезона тоа може да го остварат фудбалерите на Челси, како и Белгиецот Еден Азар, кој во мај победи со тимот од Лондон во ЛЕ, а во новата сезона ќе игра за Реал Мадрид.

– Нашата цел е да играме убаво. Сакаме да играме добар фудбал, да уживаме и да забавуваме. Бев поригиден во почетокот на мојата кариера. Мислев дека тактиката е најважната работа. Сега знам дека има мало дете во секој играч, а тренерот не смее да го заборави забавниот дел од играта, бидејќи, на крајот на краиштата, фудбалот е игра. Кога фудбалерот се забавува, тој игра двојно подобро – изјави Сари по назначувањето на новата функција.