Тренерот на Наполи, Маурицио Сари, по синоќешниот триумф над Јувентус (1:0) во дербито од 34. коло од Сериа А, рече дека тимот не покажал идеална игра.

– Ние не покажавме совршената игра. Неопходно беше малку порано да дојдеме до резултат со цел порано да ја обезбедиме победата. Бевме супериорни на физички план. Го контролиравме текот на играта. Нашата победа е логичен резултат – изјави Сари.

Но и покрај победата над директниот конкурент за титулата, Сари најмногу шанси за освојување на титулата му дава на Јувентус.

– Мило ми е што победивме, но ништо не е променето. Јувентус сė уште е на пол-позицијата. Ние се вративме во комбинација и ќе чекаме шанса од втор план – додаде Сари.

На четири рунди до крајот на првенството, Јувентус е прв со 85 бода, еден повеќе од второпласираниот Наполи.