Фото: Игор Бансколиев

Од директните учесници од Европа, најмногу настапи на мундијалите има Германија (20, заедно со СП 2022), а од селекциите што ќе играат во баражот, Италија има најмногу учества досега (18). Дебитант од Европа на минатиот планетарен шампионат беше Исланд. Од другите континенти, во игра за деби на мундијалите се уште четири репрезентации

Меѓу репрезентациите што од Европа директно се пласираа на фудбалското Светско првенство (СП) в година во Катар нема ниту една што би дебитирала на мундијалите. Во групата селекции што ќе настапат во баражот за пласман на СП 2022, пак, има само еден потенцијален дебитант, а тоа е репрезентацијата на Македонија. Шанса за такво нешто во последното коло од групите во вторникот имаше и Финска. Македонија и Финска беа дебитанти на Европското првенство годинава.
На ждрепката на 26 ноември можни противници на Македонија во полуфиналето на баражот за пласман на СП 2022 се актуелниот европски првак Италија, потоа Португалија, Русија, Шкотска, Шведска и Велс. Во групата неносители, покрај Македонија, се и Полска, Турција, Украина, Чешка и Австрија.
Од директните учесници, најмногу учества на мундијалите има Германија, за која настапот во Катар ќе биде 20-ти на светските првенства. На оваа листа потоа се Франција, Шпанија и Англија, со по 16 учества (вклучувајќи го и СП 2022) итн. Од учесниците во баражот, пак, Италија има најмногу настапи, 18, а од најмалку имаат Велс и Украина, по еден настап.
Дебитант од Европа на минатиот планетарен шампионат беше Исланд, четири години пред тоа БиХ, на СП во 2010 година тоа беше Словачка… Дебитант на СП 2022 засега е само Катар. Од другите континенти, во игра за прв пласман на СП сѐ уште четири репрезентации. Досега на мундијалите настапиле 79 земји од целиот свет.