Огромниот портрет на Мохамед Салах насликан на ѕидот на кафуле во Каиро ги привлекува Египѓаните кои го слават пласманот на нивната репрезентација на Светското првенство по пауза од 28 години, за што најголеми заслуги има токму фудбалерот на англиски Ливерпул.

Ликот на ѕвездата на популарните „фараони“ може да се забележи насекаде низ Каиро, преку муралот на ѕидот и рекламните паноа, до разните производи кои тој ги краси, како што се дресовите, ламбите, постелнините… Невозможно е да избегате од Салах во главниот град на Египет, пишува „Њујорк тајмс“.

– Портретот стана многу популарен. Сите се сликаат покрај него. И странците и Египќаните. Толку многу луѓе доаѓаат да го видат муралот, така што, понекогаш им велам дека Салах треба и да одмора. Тој е симбол на Египет – вели Хани Фати, сопственикот на кафулето.

Салах е обожуван и во неговиот роден град Нагриг, каде што донираше пари за изградба на фудбалски терени и на медицински установи. Во Египет со посебно внимание се следат и сите мечеви на Ливерпул, поради популарноста на Салах.

– Тој е гордоста на сите Египќани, Арапи и муслимани. Салах не ја претставува само сегашната генерација, туку и на идните генерации – истакнува Мохамед Анвар, продавач од Каиро.

Одличниот фудбалер беше стрелец на единствениот гол за Египет на Мундијалот досега, од пенал, во синоќешниот пораз од Русија 1-3, додека не настапи на првиот дуел против Уругвај (0-1) поради повреда на рамето. Египет ќе се сретне со Саудиска Арабија во последниот натпревар од групата А, в понеделник.