Русија на првите два меча постигна осум гола, исто колку и Шпанија во 2010-та кога стана светски првак, но на седумте меча на тоа СП

Домаќинот Русија е хитот на фудбалското Светско првенство (СП). Русите ги добија првите два меча, првиот против Саудиска Арабија со 5-0, а вториот против Египет со 3-1 со што практично си обезбедија пласман во следната нокаут-рунда, првпат по 1986 година и СП во Мексико, но тогаш како СССР.
Многумина на Русите им предвидуваа преран крај на СП, сметајќи ги за една од послабите селекции на турнирот, откако тие се и најслаборангираната селекција на СП, на 70-та позиција. Но Русите ги разубедија скептиците на најдобар можен начин, со добрите и ефикасни игри и со постигнатите осум гола, што е најдобар почеток за една домашна селекција во историјата на СП.
На СП 1934 тогашниот домаќин Италија, исто така, постигна осум гола, но прими два. Русите за 180 минути игра постигнаа ист број голови како и Шпанците на седумте натпревари во 2010-та кога станаа светски прваци. Со сличен успех и ефект, кога станува збор за ефикасноста, можат да се пофалат и Французите, кои на СП 1998 кога, исто така, станаа светски прваци, на првите два меча постигнаа седум гола и не примија ниту еден. За тоа дека ефикасноста на Русите на ова СП е за почит е и фактот дека на претходните две на кои настапија, на СП 2002 и на СП 2014, постигнаа вкупно шест гола.
Прашањето што се поставува е дали станува збор за квалитетот што го имаат руските фудбалери, за среќа или, пак, за двете работи еднакво? Кога се споменуваат овие работи треба да се има предвид дека Русија не забележа ниту една победа на седумте пријателски средби пред СП, од октомври лани, па оттаму очекувањата беа мали. Најблиску до вистината е дека Русија има квалитетни и искусни фудбалери, кои имаат голема самодоверба, кои се покажаа во вистинска светлина кога беше најпотребно.