ФУДБАЛ

Кристијано Роналдо стана само вториот играч во историјата на фудбалот што постигнал барем 100 гола на меѓународната сцена играјќи за репрезентацијата. Тој постигна два гола во триумфот на Португалија со 2-0 на гости кај Шведска во Лигата на нациите и сега има вкупно 101 гол. На првото место е Али Даеи од Иран со 109 погодока. Во Европа зад Роналдо се Ференц Пушкаш (Унгарија и Шпанија) со 84 гола, Шандор Кочиш (Унгарија) со 75, Мирослав Клосе (Германија) со 71 итн.

Роналдо е голгетерски рекордер во Европа во повеќе категории. Така, покрај првото место за репрезентативни голови, 101, тој е и најдобар стрелец на континенталните шампионати, вклучувајќи ги и квалификациите со 40 гола, потоа е на делба на првото место со Мишел Платини според головите на европските првенства, со девет гола, постигнал голови на најмногу ЕП, на четири, најдобар стрелец е на официјални средби, со 84, постигнал најмногу голови во Европа во квалификациите за светските првенства, 30 погодока, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница. И на клупски план тој има трицифрен број голови на меѓународната сцена, оти досега постигна 130 гола во Лигата на шампионите.

Тие 101 гол Роналдо ги постигнал на 66 меча, во кои Португалија победила на 55, ремизирала пет пати и загубила на шест дуела. Португалецот има девет хет-трика (вклучувајќи и два меча на кои постигна по четири гола) и уште 15 меча со по два гола. Роналдо досега постигна по седум гола на средбите со Литванија и со Шведска, пет гола против Андора, Ерменија, Летонија и против Луксембург, по четири со Естонија, Фарските Острови, Унгарија и со Холандија итн. Тој никогаш не постигнал гол на средби со Франција, Германија, Италија или со Англија, пишува УЕФА.