Фудбалската Лига на шампионите никого не чека. Очигледно доаѓа времето на новите фудбалски херои како што се Ерлинг Хoланд, Килијан Мбапе, Жоао Феликс и многу други

Португалецот Кристијано Роналдо и Аргентинецот Лионел Меси, кои доминираа во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) последната деценија, првпат по 15 години нема да бидат во полуфиналето на најквалитетното фудбалско натпреварување, пишува шпанска „Марка“.
Роналдо и Меси имаат фантастични рекорди во ЛШ. Португалецот има освоено пет шампионски титули, а Аргентинецот четири, но сѐ поизвесно е дека и на двајцата им завршува ерата на надмоќност. Напаѓачот на Јувентус седум пати беше најдобар стрелец во ЛШ, а капитенот на Барселона еднаш помалку.
Единствениот играч што е блиску до двајцата е славниот германски центарфор Герд Милер, кој четири пати ја понесе титулата стрелец на годината.

Меси и Роналдо можат да се пофалат и со фактот дека имаат дадено гол во финале во ЛШ, Роналдо четири пати, Меси двапати.
Двајцата фудбалски генијалци досега имаат постигнато вкупно 245 гола во ЛШ, Кристијано 130 со 38 асистенции, а Лионел 115 со 33 асистенции. Но годинашната ЛШ и двајцата треба што побрзо да ја заборават, оти Меси постигна само три, а Роналдо четири погодоци. Моментално водечки на листата на стрелците е фудбалерот на Баерн Полјакот Роберт Левандовски со 14 гола по осум одиграни натпревари, а втор е Норвежанецот Ерлинг Халанд со осум.

На возраст од 35 години, Роналдо, далеку од Реал, сѐ потешко се справува со конкуренцијата. Во дресот на Јувентус во ЛШ, тој не беше во можност да ги повтори успесите што ги имаше во шпанската престолнина. Меси (33), пак, повторно не успеа да ја освои ЛШ и се чини дека неговата Барселона е на крајот на една златна ера?!
Лигата на шампионите никого не чека. Очигледно е дека доаѓа времето на новите фудбалски херои како што се Ерлинг Халанд, Килијан Мбапе, Жоао Феликс и многу други, нагласува „Марка“.