Кристијано Роналдо е во центарот на вниманието повеќе од десет години и продолжува да пишува историја. На 33-годишна возраст, ѕвездата на Реал Мадрид покажува завидна физичка подготвеност, а крај на неговата блескава кариера не се наѕира во скоро време.

Неверојатната физичка подготвеност на Роналдо е видлива и со голо око, но биометриските податоци на Португалецот даваат подетален поглед на неговата форма. Според извештај на тренерскиот штаб на Реал, физичките резултати на Роналдо можат да се споредат со оние на 23-годишен активен спортист.

Напаѓачот има едвај седум отсто поткожни маснотии и 50 отсто од неговото тело е мускулна маса. Нормално, телото на играчите е составено од околу 10-11 отсто од поткожно масно ткиво и ретко има мускулна маса поголема од 46 отсто.

Добрата физичка форма на Роналдо му овозможува да изведува акробатски потези, како што беше случај против Јувентус.

Аналитичарите од „Беин спорт“ проценуваат дека Роналдо ја шутнал топката на височина од 2,23 метри од теренот постигнувајќи го спектакуларниот гол.