Јувентус по осми, рекорден пат е освојувач на Суперкупот на Италија по триумфот над Милан со 1-0 на мечот одигран во Саудиска Арабија пред повеќе од 60.000 гледачи. Стрелец на победоносниот гол беше Кристијано Роналдо во 61 минута, со кој тој го освои првиот трофеј во дресот на „старата дама“. Сезонава Роналдо постигна 16 гола за Јувентус во сите конкуренции.

За Роналдо (33) тоа беше осми гол на последните седум финални натпревари. Во Реал Мадрид тој беше дел од трите освоените титули европски првак во низа, притоа постигнувајќи два гола. Во 2017-та во финалето на шпанскиот Суперкуп против Барселона тој постигна еден гол, плус уште четири гола на двете финалиња во клупското Светско првенство, во 2016 и во 2017 година, против Кашима, односно против Гремио.

Мечот од Суперкупот на Италија 10-ти пат се одигра надвор од Италија, а во него се среќаваат првакот и освојувачот на купот. Лани Јувентус ја освои двојната круна, а во финалето на Купот го совлада токму Милан.