Од 94-те гола на Роналдо за Португалија, 44 се на домашен терен, 35 на гости и 15 на неутрален терен. Тој наскоро може да стане само вториот фудбалер во светот со барем 100 гола

Кристијано Роналдо го постигна својот 699-ти гол во кариерата, запишувајќи се во листата на стрелците во победата на Португалија, со 3-0, над Луксембург, во меч од квалификациите за пласман на фудбалското Европско првенство во 2020 година, пишува „Би-би-си“.

Голот на Роналдо беше и негов 94-ти за Португалија, па наскоро може да стане само вториот играч, по Иранецот Али Даеи, што постигнал барем 100 гола за својата репрезентација. Даеи постигна 109 гола за Иран. Од 94-те гола на Роналдо, 44 се на домашен терен, вклучувајќи ги и погодоците на Европското првенство во 2004 година и на фајналфорот на Лигата на нации на УЕФА годинава, потоа 35 на гости и 15 на неутрален терен.

Роналдо досега постигна голови на 62 натпревари, при што Португалија победи на 52 од нив (има и по пет ремија и порази). Португалскиот напаѓач за репрезентацијата погоди и осум хет-трика, меѓу кои и два меча на кои постигна по четири гола. Имаше 14 меча со по два гола, а преостанатите 40 се на по еден натпревар.
По пет гола Роналдо постигна против репрезентациите на Андора, Ерменија, Летонија и Шведска, по четири против Естонија, Фарски Острови, Унгарија, Литванија, Луксембург и против Холандија. Никогаш не погодил на дуелите со Франција, Германија, Италија или со Англија.

Тој со 35 погодока е најдобар стрелец на европските првенства, вклучувајќи ги квалификациите, потоа со девет е најдобар стрелец на финалните турнири на ЕП (заедно со Мишел Платини), постигна голови на најмногу ЕП, на четири, Роналдо е прв стрелец во Европа според голови на официјални мечеви, со 73 погодока, со 30 гола е најефикасен Европеец во квалификации за светските првенства…


НАЈМНОГУ ГОЛОВИ ЗА ЕВРОПСКИ РЕПРЕЗЕНТАЦИИ
Кристијано Роналдо Португалија 94
Ференц Пушкаш Унгарија и Шпанија 84
Шандор Кочиш Унгарија 75
Мирослав Клосе Германија 71
Герд Милер Германија 68
Роби Кин Република Ирска 68

НАЈМНОГУ ГОЛОВИ ВКУПНО
Али Даеи Иран 109
Кристијано Роналдо Португалија 94
Ференц Пушкаш Унгарија 84
Кунишиге Камамото Јапонија 80
Годфри Читалу Замбија 79