Роналдо (7) го постигнува 85-иот гол

Португалскиот капитен досега постигна 85 гола и за еден гол го надмина континенталниот рекорд на Унгарецот Ференц Пушкаш, а на светско ниво најефикасен во репрезентативен дрес е Али Даи со 109 гола за Иран

Кристијано Роналдо го постигна решавачкиот гол на мечот на Португалија со Мароко (1-0) во второто коло во групата Б на фудбалското Светско првенство (СП) во Русија. За него тоа беше четврти гол на ова СП или вкупно 85-ти во репрезентативниот дрес (на 152 меча), најмногу од сите фудбалери во Европа, еден повеќе од досегашниот рекордер, Унгарецот Ференц Пушкаш, поставен во периодот од 1945 до 1956 година.
Роналдо, напаѓачот на Реал, е и првиот португалски фудбалер што постигнува гол со глава, со лева и со десна нога на едно СП, по Жозе Тореш на кого тоа му успеа на СП 1966 година во Англија. Роналдо (33) првиот гол во дресот на Португалија го постигна на мечот против Грција (1-2) на Европското првенство (ЕП) во 2004 година. Тој на еден меч има постигнато четири гола и пет пати хет-трик. На 14 меча реализира по два гола, а преостанатите 38 гола на исто толку натпревари. Од тие 85 гола 39 постигнал на натпревари на домашен терен, 30 на гостински, а 16 на најголемите меѓународни натпреварувања, СП и ЕП. Тој постигнуваше голови и на минатите СП, во Германија 2006, во Јужна Африка 2010-та и во Бразил во 2014 година.
Рекордер според бројот на постигнати голови на светско ниво е Иранецот Али Даеи со 109 гола. Четврти на листата најдобри стрелци, зад Даеи, Роналдо и зад Пушкаш, во репрезентативна конкуренција е Јапонецот Кунишиге Камамото со 80 гола на 84 натпревари во периодот од 1964 до 1977 година. Потоа следуваат Замбиецот Годфри Читалу со 79 погодока на 109 меча, од 1968 до 1980 година, па Иранецот Хусеин Саед со 78 гола на 137 натпревари, од 1976 до 1990-та и славниот Пеле со 77 гола на 92 меча за „кариоките“ за 14 години, од 1957 до 1971-та.