Ангажирањето на Роналдо, кој со Реал освои три титули едноподруго, би требало да биде последната „коцкичка во мозаикот“ за Јувентус наречен европски првак

По деветте сезони во дресот на Реал Мадрид, Португалецот Кристијано Роналдо ланилето се пресели во Италија, во Јувентус, за трансфер-сума од 100 милиони евра. И, за кратко време, имаше огромно влијание, во Јувентус и во Серија А, иако сезоната е на половина.

Јувентус доминира во Италија, беше првак во последните седум години, но нема освоено европска титула 23 години, од 1996-та. Оттогаш Јуве пет пати играше во финалето, двапати во последните четири години, но не успеа да ја помине последната пречка. Ангажирањето на Роналдо, кој со Реал освои три титули едноподруго (Португалецот има вкупно пет, само една помалку од легендарниот Пако Хенто, играч на Реал во 50-тите и 60-тите години од 20 век), би требало да биде последната коцкичка во мозаикот наречен европски првак. Првата наредна пречка на тој пат е Атлетико (првиот меч се игра вечерва во Мадрид, а реваншот е на 12 март во Торино).

Исклучителното ниво на константност на Роналдо (34) на највисоко ниво во европскиот фудбал продолжи со постигнувањето на 21-от гол на 24 првенствени натпревари сезонава за Јувентус (плус осум асистенции), што е 55-отстотно учество во сите погодоци. Роналдо постигнува најмалку по 20 гола во сите натпреварувања последниве 13 сезони, а последен пат не успеа да ја пробие бариерата од 20 гола во сезоната 2005/2006, кога постигна „само“ 12, во третата сезона во дресот на Манчестер јунајтед. Роналдо постигна вкупно 118 гола на 292 натпревара за „бебињата“, освојувајќи девет трофеи, пред да се пресели во Реал, за тогаш рекордни 103,5 милиони долари.

Во дресот на „кралевите“, Роналдо беше уште поимпресивен. Во првата сезона постигна 33 гола, а потоа никогаш не беше под 42 гола во една сезона. Во сезоната 2011/2012 постигна 60 погодока, а во 2014/2015 неверојатни 61 гол. На 438 натпревари за Реал, Роналдо дури 450 пати се запиша во листата на стрелците и придонесе во освојувањето на 15 големи трофеи, вклучувајќи четири во Лигата на шампионите и две титули во Ла лига.

Покрај добрите резултати на Јувентус, Роналдо има големи заслуги и за успешното работење на италијанскиот тим на маркетиншки план. Домашниот црно-бел дрес на Јувентус се продава повеќе од одлично, а побарувачката е огромна и во Шпанија, благодарение, јасно, на Роналдо. На социјалните мрежи бројката на луѓе што ги следат случувањата во и околу Јувентус се зголемила за 30 отсто, односно на 16 милиони. Само на Инстаграм, Јувентус го следат 10 милиони луѓе, на Твитер зголемувањето изнесува 10,73 отсто, или 600.000 нови. На фејсбук-страницата на клубот има нови три милиони „следачи“, или вкупно 36.840.020. На јутјуб-каналот бројката на гледачи пораснала за 136 отсто.

Бројот на навивачите што во живо ги следат мечевите на Јувентус се зголемил за 4,54 отсто (во Серија А за 2,30 отсто). Како компарација, мечевите на Реал на стадионот „Сантијаго Бернабе“ сезонава ги гледаат во просек по 62.340 луѓе, што е помалку од ланските 65.027 гледачи.