Бразилските медиуми објавија дека Роналдо ќе плати 400 милиони реали (околу 60 милиони евра) за да стане мнозински акционер на Крузеиро, клубот во кој професионално дебитира на 16 години. Роналдо од 2018 година има контролен пакет акции и во шпанскиот клуб Валјадолид

ФУДБАЛ – БРАЗИЛ

Поранешниот бразилски напаѓач Роналдо го купи Крузеиро, клубот во кој го имаше професионалното фудбалско деби, но кој веќе две сезони полека згаснува во бразилската Серија Б.
– Многу сум среќен што го склучив овој договор. Имам многу да му вратам на Крузеиро и да го однесам онаму каде што заслужува да биде. Ни претстои многу работа. Ги молам навивачите повторно да се поврзат со клубот, да одат на стадион, бидејќи ќе ни требаат многу сила и единство – рече Роналдо (45), држејќи го клупскиот дрес со бројот девет со прекарот Феномено на грбот, во видеото што на социјалните мрежи го објави претседателот на клубот, Серхио Сантос Родригес.
Бразилските медиуми објавија дека Роналдо ќе плати 400 милиони реали (околу 60 милиони евра) за да стане мнозински акционер на клубот. Тој веќе има контролен пакет акции во шпанскиот клуб Валјадолид, од 2018 година, кој минатата сезона испадна во Втората лига.
Роналдо, кој е од Рио де Жанеиро, му се приклучи на Крузеиро, во Бело Хоризонте, каде што професионалното деби го имаше во 1993 година, на 16 години. Тој постигна 56 гола на 58 натпревари за клубот, што му донесе покана за настап на Светското првенство (СП) во 1994 година во САД каде што го доби победничкиот медал без да одигра ниту една минута. По СП 1994, Крузеиро го продаде Роналдо на ПСВ Ајндховен. Оттаму тој продолжи да блеска во Барселона, Интер, Реал Мадрид и во Милан пред да ја заврши кариерата во Коринтијанс од Сао Пауло во 2011 година. На СП 2002 во Јужна Кореја и во Јапонија, каде што Бразил петти пат стана светски првак, тој постигна осум гола на седум натпревари.
Роналдо трипати беше избиран за најдобар играч на годината во изборот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), во 1996, 1997 и во 2002 година, а во 1997 и во 2002 година ја освои „златната топка“ на францускиот магазин „Франс фудбал“. Крузеиро триумфира во бразилската лига во 2013 и во 2014 година и во националниот куп, во 2017 и во 2018 година, но во 2019 година испадна од Првата лига. Клубот минатата сезона беше пред испаѓање и од Втората лига, но успеа да се спаси, освојувајќи го 14-то место.