Противник на Ривер плата, во финалето што ќе се игра во Сантијаго де Чиле, на 23 ноември, ќе му биде подобриот од дуелот Фламенго – Гремио

Ривер плата ќе игра во финалето на Копа Либертадорес и покрај поразот во полуфиналниот реванш-меч од лутиот аргентински ривал од Буенос Аирес, Бока јуниорс, 0-1, благодарение на победата во првиот меч од 2-0.

Противник на Ривер, во финалето што ќе се игра во Сантијаго де Чиле, на 23 ноември, ќе му биде подобриот од себразилската пресметка, Фламенго – Гремио, кои полуфиналниот реванш-меч го играа синоќа на „Маракана“ во Рио (првиот заврши без победник, 1-1). Ривер плата ќе се бори за петтата титула првак на Јужна Америка.
Бока бодрена од над 50.000 навивачи на преполниот стадион „Бонбониера“, не успеа да му се реваншира на Ривер за поразот во минатогодишното финале (1-3) што се одигра во Шпанија, во 10.000 километри оддалечениот Мадрид.

Натпреварот започна 15 минути подоцна, колку што беше потребно да се исчисти теренот од илјадниците ливчиња што ги фрлија навивачите.

– Ние сме тим што знае да игра во неповолни услови. Во реваншот не можевме да одиграме најдобро што можеме и затоа моравме да се бориме. За да стигнете до финале во Копа Либертадорес, треба да знаете да страдате – рече тренерот на Ривер, Марсело Галардо, кој освои три титули во Копа Либертадорес со Ривер, како играч во 1996-та и како тренер во 2015 и 2018 година.