Роман Абрамович

Дипломатската војна помеѓу Русија и Англија, коja на Роман Абрамович моментно му прави најмногу проблеми, барем досега не влијаеше на одлуката на богатиот Русин да го продаде клубот. Понуди има!
Многумина мислеа дека вистинската дипломатскa војна што ја водат Русија и Англија со месеци, а која влијаеше на тоа на Роман Абрамович да не му биде обновена визата за престој и за работа во Обединетото Кралство (причина поради која и зеде израелско државјанство), ќе биде причина богатиот Русин да дигне раце од својот најзначаен фудбалски проект – Челси.
Но, тоа очигледно нема да оди толку лесно.
Точно е дека Челси се откажа од изградбата на новиот стадион, што најверојатно беше порака до англиските власти да не сметаат на толкаво вложување, сѐ додека на тoј начин се однесуваат кон сопственикот. Но Абрамович има намера да ги задржи „сините“, бидејќи ја одби понудата да ги продаде.

Понуда, пак, веќе испрати Џим Ретклиф, најбогатиот Англичанец, кој е гигант во петрохемиската индустрија, но Абрамович, според пишувањето на „Дејли мејл“, ja одбил тaa негова понуда оти нема намера да остане без Челси.
Ретклиф поседува сезонска карта за натпреварите на „Стамфорд бриџ“, иако е голем навивач на Манчестер јунајтед, а „Дејли мејл“ додава дека има и други заинтересирани купувачи.
Според пишувањето на „Тајмс“, Ретклиф е „двојно потежок“ од Абрамович и неговото богатство се проценува на 21,05 милијарда фунти, додека Челси би го чинело помалку од милијарда.
Се поставува прашањето, дали овој потег на Абрамович е за да ја крене цената или навистина постојат шанси да го продаде Челси. Сѐ ќе се дознае во следните месеци.
Да потсетиме дека рускиот милијардер е сопственик на Челси од 2003 година и овој клуб оттогаш освоил пет титули во англиската Премиер-лига, а по една во Лигата на шампионите и во Лигата на Европа.