Сон е 18-ти фудбалер на Тотенхем со барем 100 гола

Шефилд постави нов неславен рекорд во англиската фудбалска Премиер-лига како прва екипа што не забележала победа на првите 17 првенствени кола (15 порази и две ремија).

ФУДБАЛ – АНГЛИСКА ПРЕМИЕР-ЛИГА

Шефилд загуби на гостувањето од Кристал палас со 0-2 и постави нов неславен рекорд во англиската фудбалска Премиер-лига како прва екипа што не забележала победа на првите 17 првенствени кола, со ефект од 15 порази и две ремија. Последен пат во најсилната лига на Англија такво нешто му се случи на Болтон во сезоната 1902/03 (вкупно 22 меча без триумф). Шефилд нема победа во Премиер-лигата на 20 меча едноподруго (18 порази и две ремија), што е негативен клупски рекорд. Претходно таква лоша серија, од 20 меча без пораз, забележа ВБА, во периодот од август 2017 до јануари 2018 година. Шефилд прима барем еден гол на 20 натпревари во низа, што, исто така, е најдолга таква серија во оваа конкуренција. Следни противници на Шефилд во јануари му се Тотенхем (дома), Манчестер јунајтед и Манчестер сити (на гости).
Шефилд е закован на дното со само два бода, 12 помалку од сигурната зона. Досега ниту еден клуб не се спасил по толку лош почеток на сезоната. Во тимот на Шефилд дебитира Антвој Хекфорд (16 години и 288 дена), кој е 20-от 16-годишник што заиграл во Премиер-лигата.

На мечот Тотенхем – Лидс, 3-0, во Лондон, еден гол постигна Кореецот Сон Хеунг-мин, за него 100-ти во дресот на клубот од Лондон во сите конкуренции на 253 натпревари. Тој е 18-от фудбалер во историјата на Тотенхем што постигнува барем 100 гола. Еден гол постигна и Хари Кејн, кој постигна гол против сите 30 тима во Премиер-лигата против кои има играно. Тој заеднички со Сон има удел при постигнувањето на 13 гола за Тотенхем сезонава, со што го израмнија рекордот во Лигата на Алан Ширер и на Крис Сатон, тандемот на Блекбурн, во сезоната 1994/95.
Против Лидс беше досуден нов пенал, шести сезонава, најмногу од сите тимови во Лигата. Лидс, пак, првпат сезонава не постигна гол на гости. Само два тима, Манчестер јунајтед и Астон вила, имаат постигнато барем еден гол на сите гостински мечеви сезонава.
Арсенал го декласира ВБА на гости, со 4-0, што беше трет првенствен триумф во низа за „топчиите“, првпат по јули минатата година. ВБА е претпоследен со осум бода. Тимот од Бирмингам е во серија од шест меча без победа и прими 12 гола на претходните три натпревари на домашен терен.