Давид Силва

Тој е првиот на листата во Англија меѓу 26-те фудбалери што до 200 премиерлигашки победи дошле за помалку од 300 одиграни натпревари (му требаа 289), со што го помина досегашниот рекордер Џон Тери (305 меча)

Во аналите на англиската Премиер-лига по мечот Евертон – Манчестер сити (1-3) се запиша Шпанецот Давид Силва (33), кој на 289-от меч за Сити ја забележа 200-та победа (постигна и 55 гола), најбрзо до 200 од сите играчи досега. Силва, кој пристигна во Англија од Валенсија во 2010 година и одигра над 400 натпревари за „граѓаните“, веќе освои четири шампионски титули во Премиер-лигата. Тој е единствен на листата со 200 победи што до таков успех дошле за помалку од 300 натпревари, со што го помина досегашниот рекордер Џон Тери, кому му беа потребни 305 меча за такво нешто.

Бранителот на титулата Сити, со трите бода од гостувањето кај Евертон, ја задржа разликата од пет бода зад Ливерпул по седумте кола сезонава. Менаџерот на Сити, Пеп Гвардиола, по мечот изјави дека неговиот тим не смее да си дозволи да загуби премногу поени доколку сака третпат да стане првак.
– Нашиот најголем ривал реди победи, седум во низа. Лани загуби само еден меч, така што и ние не смееме да губиме бодови. Сезоната е долга, има многу поени за освојување, ќе бидеме тука, ќе се трудиме да победуваме и да бидеме повторно први – изјави Гвардиола.

Лидерот Ливерпул седмата победа на седумте меча сезонава ја забележа на гости над Шефилд јунајтед. За „црвените“ ова е втора ваква серија по сезоната 1990/1991, 16-та победа во низа, најдобра серија за „црвените“, само две помалку од рекордот на Манчестер сити, кој во периодот август-декември 2017 година забележа 18 победи. „Црвените“ се без пораз на претходните 24 натпревари, што е послабо од рекордот од 31 меч од 1988 година. Стадионот „Брамал лејн“ на Шефилд е 56-от на кој Ливерпул забележува победа во Премиер-лигата, најмногу од сите тимови, четири повеќе од Манчестер јунајтед и од Тотенхем, со по 52 стадиони на кои победиле во премиерлигашки меч.

Победоносниот гол за Ливерпул го постигна Џини Ванјалдум во 70-та минута, 22-от за него во Премиер-лигата, во првиот удар за Ливерпул на гостинскиот гол. „Заслуги“ за голот имаше и младиот, 22-годишен голман на Шефилд, Дин Хендерсон, кој е на заем од Манчестер јунајтед, кому топката му помина низ рацете и нозете и се стркала во мрежата.