Вкупно 55 репрезентации од утре тргнуваат по 13-те места за Стариот Континент на фудбалското СП 2022 во Катар. Македонија во првото коло од квалификациите гостува во Романија, а во групата Ј се и четирикратниот светски првак Германија, Исланд, Ерменија и Лихтенштајн

ФУДБАЛ

Рекорден број репрезентации од Европа, вкупно 55, од утре тргнуваат по 13-те места за Стариот Континент на Светското првенство (СП) во Катар во 2022 година, објави Светската фудбалска федерација (ФИФА) на својата интернет-страница. Македонија е во групата Ј, во која се и четирикратниот светски првак Германија, Романија, Исланд, Ерменија и Лихтенштајн.
Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница издвојува некои натпревари и други занимливости од првото коло од квалификациите, а меѓу нив е и податокот дека Македонија ѝ гостува на Романија в четврток, во Букурешт, на арената „Национал“, стадионот на кој Македонија треба да ги одигра и првите два од трите натпревари во групната фаза на деби-настапот на Европското првенство, со репрезентациите на Австрија и на Украина, во јуни.
Македонската репрезентација со мечот со Романија ја почнува и серијата во која ќе треба да одигра засега барем 14 натпревари годинава.

По средбата со Романија, во март се и дуелите со Лихтенштајн и со Германија, потоа најавениот тест-меч во мај, а првата половина од годината ќе се заокружи со најмалку три натпревари во јуни на Европското првенство, со репрезентациите на Австрија, Украина и на Холандија. Во септември треба да продолжат квалификациите за Мундијалот в година, со средбите со Ерменија, Исланд и одново со Романија, потоа во октомври се реванш-дуелите со Лихтенштајн и со Германија, а во ноември се и новите натпревари со Ерменија и со Исланд.
На СП 2022 од квалификациите од Европа ќе се пласираат десетте победници на групите, како и уште три репрезентации од баражот во кој ќе учествуваат десетте второпласирани репрезентации од квалификациските групи и уште две селекции победнички во групите од втората сезона на Лигата на нации на УЕФА, кои не се пласирале директно или не го освоиле второто место во групата од квалификациите.


КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022, ПРВО КОЛО

СРЕДА
Група А: Португалија – Азербејџан, Србија – Р. Ирска
Група Д: Финска – БиХ, Франција – Украина
Група Е: Белгија – Велс, Естонија – Чешка
Група Г: Гибралтар – Норвешка, Летонија – Црна Гора, Турција – Холандија
Група Х: Кипар – Словачка, Малта – Русија, Словенија – Хрватска

ЧЕТВРТОК
Група Б: Шпанија – Грција, Шведска – Грузија
Група Ц: Бугарија – Швајцарија, Италија – Северна Ирска
Група Ф: Израел – Данска, Молдавија – Ф. Острови, Шкотска – Австрија
Група И: Андора – Албанија, Англија – Сан Марино, Унгарија – Полска
Група Ј: Романија – Македонија, Германија – Исланд, Лихтенштајн – Ерменија