Во студијата на архитектонско студио од Мадрид се вели дека при дизајнот на стадионите во иднина, поради влијанието на ковид-19, клубовите ќе треба да прифатат решенија за физичко дистанцирање на трибините, па ќе треба да градат поголеми стадиони со ист број места или ќе се намали капацитетот. Втората солуција е поверојатна, но ќе доведе до пад на приходите, се вели во студијата

ФУДБАЛ – ПО ПАНДЕМИЈАТА

Намалување на капацитетите на стадионите, подобрени системи за вентилација и електронско купување билети и пијалаци се некои од мерките што фудбалските клубови можеби ќе треба да ги спроведат при дизајнирањето на новите или при реконструкцијата на постојните стадиони во услови на пандемијата на ковид-19, пишува „Ројтерс“.
Во студијата што ја направи архитектонското студио „Фенвик Ирибарен“, со седиште во Мадрид, се вели дека при дизајнот на стадионите во иднина, поради влијанието на ковид-19, клубовите ќе треба да прифатат решенија што ќе промовираат физичко дистанцирање на трибините. За да се спроведе таквото дистанцирање, клубовите ќе треба да градат поголеми стадиони со ист број места или да го намалат капацитетот. Втората солуција е поверојатното решение, но ќе доведе до пад на приходите во деновите на одигрување на натпреварите, се вели во студијата.

Решенијата „без допир“, кои вклучуваат автоматски врати, активирање на светлата со инфрацрвена детекција, електронско купување билети и пијалаци, веќе се достапни, но нивното воведување би било скапо и би ги зголемиле трошоците при организацијата на натпреварите, пишува „Ројтерс“.
Според КПМГ (интернационална сметководствена фирма со седиште во Холандија), приходите на врвните европски клубови во деновите на одигрување на мечевите ќе бидат помали од 15 до 30 отсто во сезоната 2019/2020, бидејќи натпреварите ги играат зад затворени врати. Доколку продолжат здравствените и другите ограничувања, долгорочните загуби може да бидат уште поголеми.

– Уште не се знае дали гледачите ќе се вратат да следат фудбал во живо во иста бројка како пред пандемијата. Но искуствата покажуваат дека откако ќе ја снема директната и непосредна закана од кризата, постои тенденција луѓето да им се враќаат на рутинските активности, уште повеќе ако станува збор за нивното омилено трошење на слободното време – вели Андреа Сатори, глобалниот шеф за спорт на КПМГ.
Студијата, исто така, се осврнува и на потребата од здравствена процедура на стадионите. Тоа значи користење на апаратурите за препознавање на лицето поврзани со здравствената база на податоци, за да се идентификуваат потенцијално ризичните лица. Марк Фенвик, шеф на „Фенвик Ирибарен“, проценува дека клубовите значително ќе ги намалат капацитетите на стадионите за да обезбедат разумно ниво на безбедност.

– Се сеќавам, големите катастрофи ги променија стадионите во Англија од луѓе што стојат на трибините до луѓе што седат, со тоа што капацитетите се намалија за 30 отсто. Неопходно е да се види како се правени намалувањата на капацитетите и како се третирани просторите каде што се мешаат луѓето. Но мислам дека тоа е одржливо и исплатливо решение – вели Фенвик, додавајќи оти притоа мислел на катастрофите во 1980-тите, на стадионите „Хилсборо“ и „Хејсел“.