Исак блескаше на Европското првенство (ЕП) 2020 во селекцијата на Шведска, а во ист стил игра и во шпански Реал сосиедад, каде што минатата сезона во Ла лига постигна 17 гола, најмногу во кариерата

АЛЕКСАНДЕР ИСАК, ЕДЕН ОД НАЈДОБРИТЕ МЛАДИ ФУДБАЛЕРИ ВО ЕВРОПА

Мислам дека нема друг тим во Лига Европа (ЛЕ) што е поголем фаворит од нас, вели шведскиот напаѓач на шпански Реал сосиедад, младиот Александер Исак (22), за интернет-страницата на Европската фудбалска унија (УЕФА).
Исак блескаше на Европското првенство (ЕП) 2020 со Шведска, а во ист стил игра и во шпански Реал сосиедад, каде што минатата сезона во Ла лига даде 17 гола, најмногу во кариерата. Исак, „чудото“ на АИК, го сврте вниманието врз себе уште на 16 години, по што следната година замина во Борусија Дортмунд, за 11 милиони евра. Тој требало да стане дел од Реал Мадрид, но бил разубеден од Борусија, која има одлично реноме кога станува збор за развојот на младите играчи. Од Борусија во 2019-та заминува во холандски Вилем Втори како позајмен играч и за време на петмесечниот престој, со добрите игри и со 12-те гола на првите 12 меча си обезбеди трансфер во Реал сосиедад за 11 милиони евра. Тимот од Сан Себастијан се бори со Монако и со ПСВ за првото место во групата Б во ЛЕ. Утре Реал сосиедад му гостува на Монако.

– Треба да се стремиме да стигнеме што подалеку во секое натпреварување, било да е тоа шпанската лига и купот или во ЛЕ. Во моментов сме во групната фаза, но мислам дека нема друг тим во ЛЕ што е поголем фаворит од нас. Двапати игравме со Монако, еднаш во претсезоната, а потоа и првиот меч во групната фаза од ЛЕ. Aко одиграме како што можеме и знаеме, ќе забележиме добар резултат – оптимист е Исак.
Исак си замина од АИК во Дортмунд на 17 години, а во Реал сосиедад е од 2019 година.
– Во Дортмунд бев во многу професионална и висококвалитетна средина, со неверојатни навивачи што создаваат одлична атмосфера. А во Реал сосиедад дојдов поради амбициите на клубот, начинот на кој игра тимот и проектот што ми го претстави клубот. Отсекогаш ми се допаѓал фудбалот што се игра во Шпанија. Тренерот Иманол Алгуацил сака да бидам модерен напаѓач, да играм пресинг, да работам напорно без топка. Луѓето секогаш ќе ги бројат головите, јас сакам да ги постигнувам, но и да бидам модерен напаѓач. Јас сум едноставен тип, не ми треба многу за да бидам среќен – појаснува Исак.


Откупната клаузула за Исак од 75 се зголеми на 95 милиони евра

– Во фудбалот никогаш не се знае кога ќе дојде следната шанса и затоа треба да ја искористите. Во моментов сум многу среќен, но еден ден би било убаво да играм и во Англија. Таму има шест или седум клуба што се меѓу најголемите во светот и еден ден тоа ќе биде моја алтернатива – вели Исак.


Преселбите како семејно наследство

Движењето е главна тема во животот на Исак, дури и пред да се роди, кога неговите родители избегаа од Еритреја и се преселија во Стокхолм во 1980-тите.
– Кога ќе се селите на млада возраст во овој фудбалски свет, може да биде многу тешко. Не е лесно да се започне нов живот. Она низ што поминаа моите родители, тоа е нивната приказна, но тоа ми дава перспектива и дисциплина. Отидов во Еритреја да видам каде пораснале, беше скромно, но видов како луѓето можат да бидат среќни со толку малку. Се трудам да се одвојам од фудбалскиот свет и ја ценам тишината – истакнува Исак. Л.Д.