Тимот како домаќин во продолжението од сезонава ќе игра на стадионот „Алфредо ди Стефано“ (6.000 седишта), кој го користи младинскиот тим на Реал

Реал Мадрид нема да одигра ниту еден од преостанатите натпревари во продолжението од сезоната на домашен терен во шпанската фудбалска Ла лига, на стадионот „Сантијаго Бернабеу“, потврди претседателот на клубот Флорентино Перез.
Така, Реал Мадрид како домаќин ќе ги игра натпреварите на стадионот „Алфредо ди Стефано“, кој е со капацитет од 6.000 седишта и го користи младинскиот тим на Реал Мадрид. Тој ќе биде опремен со нови рефлектори, а ќе биде инсталирана и технологијата ВАР.

Перез откри дека одлуката годинашната кампања да не се заврши на „Сантијаго Бернабеу“ е донесена за да се заврши реновирањето порано од предвиденото, пред летото во 2022 година. Планирано е стадионот дотогаш да добие подвижен покрив, а теренот ќе може да се дислоцира за да може арената да се користи и за други настани, како што се концерти.

Ла лига треба да продолжи зад затворени врати на 11 јуни со градското дерби Бетис – Севилја. Реал Мадрид првиот меч дома ќе го одигра на 14 јуни, против Еибар, а на свој терен сезонава треба да се сретне и со Валенсија, Мајорка, Гетафе, Алавес и со Вилјареал.
По 27 кола во Шпанија води Барселона со 58 бода, а потоа следуваат Реал Мадрид со 56, Севилја со 47, Сосиедад и Гетафе со по 46, Атлетико Мадрид со 45 бода итн.