Реал Мадрид потврди дека му дозволил на Кристијано Роналдо да се премине во Јувентус, откако фудбалерот изрази желба да замине од шпанскиот клуб.

По големиот број шпекулации во европските медиуми, попладнево стигна и официјална потврда од европскиот шампион за трансферот на Роналдо.

Висината на трасферот која двата клуба ја договориле изнесува 105 милиони евра.

Реал му се заблагодари на Роналдо за неговите постигнувања во клубот и му порача дека неговото име ќе остане длабоко врежано во историјата на Реал.

– Реал Мадрид секогаш ќе биде твој дом- стои во соопштението на актуелниот европски првак.

Роналдо дојде во Реал во 2009 година од Манчестер јунајтед и за овие девет години на „Сантијаго Бернабеу“ стана еден од најдобрите фудбалери на сите времиња.

Тој е најдобар стрелец во историјата на Реал Мадрид со 451 гол на 438 натпревари, а со клубот освои 16 трофеи од кои четири во Лигата на шампионите.