Дефанзивецот на Реал Мадрид, Серхио Рамос ги демантираше тврдењата дека употребил забранета супстанца во 2017 година, а шпанскиот клуб ги нарушил антидопинг правилата. Ова беше соопштено од германското издание „Шпигел“, кое се повикува на документи од „Фудбал ликс“.

Во написот се истакнува дека допинг тестот на Рамос, земен по финалниот натпревар од Лигата на шампиони 2016/17 против Јувентус, дал позитивен резултат за дексаметазон. Исто така се тврдеше дека УЕФА го затворила случајот против играчот, под претпоставката дека Рамос и лекарот на Реал направиле „административна грешка“ при пополнувањето на документите.

– Прашањето е многу сложено. Треба да контактирам со правници и да се заштитам против овие обвинувања. Во мојата кариера сум дал 250 или 300 допинг тестови и ниту еднаш не сум имал позитивна мостра. Знаеме за овие објави. Пред еден месец и половина ни се закануваа. Кога ја знаеш вистината, не се плашиш од лагите. Ова е обид да се наруши мојот имиџ и репутација – изјави Рамос, цитиран од „ЕСПН“.

УЕФА исто ги демантираше информациите и во соопштение истакна дека работата на европската централа се одвива согласно кодексот на Светската антидопинг агенција и УЕФА ја информира и ги обезбедува сите детални информации, извештаите на експертите и доказите собрани во текот на разгледувањето на такви случаи.

Антидопинг агенцијата и ФИФА имаат право на жалба на секоја одлука донесена од УЕФА по прашањата за допинг контролата во спортскиот арбитражен суд во Лозана. Таква жалба од ФИФА или ВАДА за овој конкретен случај немало.

Реал Мадрид, исто така, цврсто ги негираше обвинувањата.