Капитенот на Реал Мадрид, Серхио Рамос беше обвинет од УЕФА дека намерно добил жолт картон за време на првиот осминафинален судир од Лигата на Шампионите против Ајакс. Централниот дефанзивец доби картон во 89-тата минута од натпреварот во Амстердам, освоен од „белите“ со 2:1. Тој ќе го пропушти реваншот на „Сантијаго Бернабеу“, но ќе биде на линија за судирот во четвртфиналето.

Веднаш по дуелот со Ајакс, Рамос изјави пред новинарите дека „би лажел“, ако негирал дека намерно си добил картон. Подоцна дефанзивецот се обиде да појасни дека имал предвид дека намерно го извршил само прекршокот за да спречи израмнувачки гол за Ајакс.

УЕФА објави дека тече истрага, а Рамос е обвинет по член 15. Ако биде прогласен за виновен на седницата на Дисциплинската комисија на 28 февруари, капитенот на Реал може да добие поголема казна и да пропушти повеќе од еден натпревар.