Серхио Рамос го одигра 25-то финале и го освои 19-от трофеј во натпреварување со финален меч во фудбалската кариера. Капитенот на Реал Мадрид го предводеше тимот до победата во финалето на Светското клупско првенство во саботата, над Ал Аин, со 4-1.

Рамос досега одигра 21 финале со Реал (Лига на шампионите, Суперкуп на Европа, Куп на Шпанија, Суперкуп на Шпанија), а има уште четири со репрезентацијата на Шпанија (светски и европски првенства и Куп на конфедерациите). Тој првото финале со Реал го одигра во 2007 година, но загуби од Севилја во Суперкупот на Шпанија. Првиот трофеј Рамос го освои следната година, со победата на Шпанија над Германија во финалето на Европското првенство во Виена, пишува шпанскиот спортски дневен весник „Марка“.

Со репрезентацијата на Шпанија тој има титули и на Мундијалот во 2010 година (победа во финалето против Холандија) и на континенталниот шампионат во 2012 (против Италија), но загуби во Купот на конфедерациите во 2013 година (од Бразил).
Со Реал, пак, стоперот има по четири титули во Лигата на шампионите (од четири финалиња) и на светските клупски првенства, три трофеи во Суперкупот на УЕФА (од четири финалиња), од тоа еден освоен во Скопје, потоа три суперкупа на Шпанија (од шест) и два купа на таа земја (од три финалиња). Вкупно, загубените финалиња се три во Суперкупот на Шпанија и по еден во Суперкупот на УЕФА, во Купот на Шпанија и во Купот на конфедерациите.

Вкупно Рамос има 23 трофеи (уште и четири титули првак на Шпанија со Реал Мадрид).

На една неофицијална листа на фудбалери со најмногу освоени титули и трофеи, многу извори го наведуваат како прв Бразилецот Дани Алвес (39 пехари), а од другите се споменуваат, на пример, Бразилецот Максвел (36 трофеи), Аргентинецот Лионел Меси (35), Велшанецот Рајан Гигс (34), Шпанецот Андрес Иниеста (34) итн.