Радувај се Македонијо и слави ги овие херои, кажа селекторот Игор Ангеловски по победата над Германија од 2-1, давајќи им ја на неговите фудбалери сета заслуга за историскиот триумф во квалификациите за Светското првенство во 2022 година.

– Моите фудбалери се изборија за овој историски успех. Тие се нашите спортски херои, тоа се истите кои ја кренаа на нозе нацијата по пласманот на Европското првенство – истакна Ангеловски, посветувајќи ја победата на македонскиот народ, на целиот медицински персонал, на неговите деца и на неговата сопруга.

Тој побара и да не се создава еуфорија, туку да се продолжи понатаму во трката за пласман на СП, како и со настапот на претстојното европско првенство годинава.