Попев беше фудбалер на двата клуба, а кариерата потоа ја продолжи понатаму на фудбалскиот терен, но како судија. Дебармаалскиот клуб го красеше другарство, а Победа беше најголемата спортска љубов на прилепчани. Блескава кариера и како судија

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (159) Гоце Попев (1)

Не секогаш добрите фудбалери станувале добри судии. Се случувало некој што не обул копачки или имал само неколку аматерски мечеви да биде извонреден судија, а има и обратни случаи – некој што бил ѕвезда како фудбалер да биде лош судија. Има и една трета категорија судии – оние што биле добри фудбалери, со прволигашко или второлигашко искуство, да бидат и добри судии, дури и со знакот на ФИФА. Еден од оние од оваа трета категорија, да си добар фудбалер а исто така и добар судија, е Гоце Попев.
Фудбалската јавност, особено во Скопје и во Прилеп, добро го познава од времињата кога настапуваше за Работнички и за Победа, а пошироката јавност на просторите на поранешна Југославија, па и Европа го познава како судија што со знакот на ФИФА ја делеше правдата на 27 меѓународни натпревари. Во оваа бројка меѓу другите, ако се спомене и делењето на правдата на стадионот „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид, и тоа на еден од најголемите светски клубови Реал, тогаш станува јасно за каков судија станува збор. Но за судиските доживувања на Гоце Попев ќе стане збор подоцна, сега тој ќе ни опише како дојде во фудбалот и кои беа клубовите за кои настапуваше, се разбира ќе стане збор и за она што ги карактеризираше тие клубови.

Во Работнички – другарство и романтика

Фудбалските почетоци на Попев беа на осум-деветгодишна возраст, кога дојде во пионерската школа на Вардар. Во минатото, а и денес скопскиот клуб е вистински македонски фудбалски бренд, па не беше ни чудно што сите деца мечтаеја да заиграат за него.
– Тука со поранешните вардарови фудбалери Васко Кокиновски и Урош Петровски, кои ми беа први тренери, поминав неколку убави години. Покрај нив, тука беа и другите тренери од стручниот штаб задолжен за работа со младите категории. Јас од сите црпев по нешто и полека навлегував во тајните на фудбалската игра. Меѓутоа, кога дојдов на 18-годишна возраст, почувствував дека можеби подобро за мене и за моето фудбалско докажување ќе биде ако заминам во Работнички, кој беше познат по демонстрација на еден романтичен фудбал, кој на пошироките југословенски простори тогаш најмногу го негуваше ОФК Београд. Така, дојдов кај „железничарите“ (тогаш железницата беше главен спонзор на клубот) и не погрешив.

Таму наидов на еден другарски прием кај сите фудбалери, со кои се знаев и од минатото, но сега, кога дојдов во нивната средина, не очекував дека ќе ме пречекаат со толку големо задоволство. Почувствував една убава атмосфера, што го потврди она што со години се говореше за Работнички, дека е тоа клуб во кој владее една хармонија. Дури тогаш и мене ми стана јасно зошто, и покрај тоа што беше еден од посиромашните клубови, Работнички рамноправно се носеше со ривалите. Сето тоа беше резултат на тоа другарство што беше создавано со години – вели Попев.
Гоце Попев неколку сезони настапуваше за Работнички, во кој настапуваа и фудбалери со високи квалитети, какви што беа Тодоровски, Чочков, Филиповски, Цубалевски, Наков, Анчевски, Ѓ. Димитровски и други. Тоа беа играчи што ги посакуваше секој клуб, зашто не само што беа изградени како фудбалери туку беа и добри личности.
– Мене, искрено, не ми беше лошо во Работнички, но тежнеејќи за нови фудбалски предизвици, решив да ја сменам средината и да станам член на Победа, која, исто како и Вардар, имаше голем број симпатизери. Ако направам една паралела меѓу двата клуба, тогаш можам да кажам дека Работнички го красеше другарство, а во Победа, покрај другарството, јасно беше изразена љубовта што ја негуваа прилепчани кон својот клуб – вели Попев.

Победа – во срцата на прилепчани

Кога Гоце Попев замина во прилепскиот клуб, кој беше член на онаа силна Втора југословенска лига, источна група, која по квалитетот може да се каже дека беше на прволигашко ниво, во екипата настапуваа многу познати фудбалери.
– Тука беа и легендите на македонскиот фудбал: Истатов, Ѓорѓиоски, М. Николоски, Дрвошанов, Трајков, Митров, Конески, Глигороски, Манески, Магдески и уште неколкумина, кои знаеја да заиграат и да совладаат секаков противник. Тоа беше генерација за почит, не омаловажувајќи го притоа и придонесот што го дадоа за афирмацијата на клубот и поранешните фудбалери предводени од Јакимоски, Анески, Келтаноски и другите.

Победа имаше и добра управа, во која моторна сила тогаш беше Миноски, за потоа да дојде и Самарџиоски, кој и денес е еден од најголемите промотори на Победа преку написите и фотографиите што ги објавува од тоа време. Љубовта кон Победа беше голема, што се потврдуваше и со бројот на гледачи. На секој натпревар трибините беа исполнети и не случајно во југословенскиот печат за Прилеп се пишуваше дека е најфудбалскиот град, не само во државата туку и на Балканот. Да се бранат боите на еден таков клуб беше чест за секој фудбалер, па кога дојде понудата и јас да станам член на Победа, без размислување ја прифатив – се сеќава Попев.
Инаку, од големиот број настапи за Победа, Попев ги одделува посебно квалификациските средби за Втората лига со екипите на ГОШК од Дубровник и на ОФК Титоград.
– Истатов беше јунак на мечот со екипата од денешна Подгорица. Откако по двата меча немаше победник, се изведуваа пенали. Тогаш на сцена стапи корпулентниот струмичанец, кој од петте, одбрани три пенали и така Победа го зачува статусот. Истатов набргу потоа потпиша договор со Партизан од Белград. По одличните одбрани за „црно- белите“, потоа неговата кариера продолжи во Утрехт (Холандија), каде што, исто така, бранеше извонредно и стана миленик на публиката – се сеќава Попев.

Избегната катастрофа

Еден настан од престојот во Победа особено остана во меморијата на Гоце Попев.
– Кога требаше да патуваме на мечот со ОФК Титоград, на аеродромот дојде до недоразбирање и ни беше соопштено дека за еден член од експедицијата на Победа нема место во авионот. Нашето водство се подналути и рече: „Или сите или никој“. Набрзина беше обезбеден автобус со кој тргнавме на долгиот пат. Кога стигнавме во Титоград (денешна Подгорица), ја слушнавме неверојатната вест за уривањето на авионот од Скопје кај месноста Бабин Кук. Тоа нѐ потресе сите, сочувствувавме со семејствата на настраданите. Ние избегнавме една голема катастрофа, но тагата за загинатите беше голема – вели Попев.
Инаку, тој настан ја потресе целата југословенска и светска јавност, а некои мислеа, со оглед на претходно најавената маршрута, дека во авионот се и фудбалерите на Победа.

– Потоа мојата кариера продолжи во Куманово, кое, исто така, беше второлигаш и имаше една силна екипа. Покрај другите, тогаш боите на Куманово ги бранеа и двајца познати и докажани фудбалери на Вардар, Атанас Мечкаров и Диме Георгиев. Но престојот кај кумановците беше краток, зашто сега моите амбиции беа насочени и понатаму кон фудбалот, но на друга страна, онаа судиската – се сеќава Попев.
Како дојде до тоа Гоце Попев да стане фудбалски судија и што ја обележи неговата кариера како делител на правдата ќе читате идната недела. Тогаш ќе се запознаете со сѐ што го следи животот на еден фудбалски судија, за познанствата, за подготовките за водење многу значајни средби, како оние во кои настапува и еден фудбалски гигант како Реал од Мадрид.

Гоце Попев ќе опише како се чувствувал во моментите кога го судел и првото финале во самостојна Македонија помеѓу Вардар и Пелистер, 1-0, во 1993 година, а и за контактите со многу ѕвезди на југословенскиот фудбал. Инаку, во моментов сета негова љубов е посветена на внуката Ана, која има голем афинитет кон тенисот, и на внукот Лука, кој најверојатно ќе тргне по стапките на дедо си и ќе го гледаме на фудбалските терени.


Гоце Попев

Роден: во 1947 г. во Скопје
Кариера: Вардар, Работнички, Победа и Куманово
Успеси: меѓународен фудбалски судија со знакот на ФИФА, судел на 27 меѓународни средби, меѓу кои и на две европски првенства до 21 година, четири финални натпревари за Купот на Југославија, последното пред распадот на државата, Ц. Звезда – Хајдук, 1-0 (стрелец на голот беше Панчев), го судеше првото финале на Купот на Македонија, Вардар- Пелистер, 1-0 (1993 година)