Арсенал го совлада Тотенхем со 2-1, а ретко виден гол постигна Ерик Ламела

ФУДБАЛ, ПРЕМИЕР-ЛИГА

Во дербито на северен Лондон, Арсенал го совлада Тотенхем со 2-1, но она по што повеќе ќе се спомнува и ќе се памети овој меч се ударот „рабона“ и голот на Ерик Ламела за Тотенхем во 33-та минута. Тој гол на Ламела, кој доби и црвен картон и стана петтата замена на меч во историјата на Премиер-лигата што постигнува гол и е исклучен, ретко се гледа на фудбалските натпревари и сигурно ќе биде во најтесниот круг за најдобар гол на сезоната.
Станува збор за удар при вкрстување на нозете одзади, во случајов со Ламела на левата со десната нога, при што топката мина низ нозете на еден одбранбен играч на Арсенал и заврши во левиот долен агол од голот на Бернд Лено. „Рабона“ во буквален превод од шпански значи да се побегне од школо и да се игра фудбал. Повеќето фудбалери не постигнале ниеден гол „рабона“ во кариерата, но Ламела може да се пофали со уште еден, во Лига Европа (ЛЕ) во 2014-та, на мечот Тотенхем – Астерас Триполис.
„Рабона“ стана позната во Европа во 70-тите години од 20 век, преку Италијанецот Џовани Рокотели, кој честопати го практикувал тој удар при слободните удари, корнерите итн. Но според други извори, „рабоната“ потекнува од Аргентина, односно ја „измислил“ Рикардо Инфанте од Естудијантес постигнувајќи таков гол на мечот против Розарио.