На мечот Барнли – Челси (2-4) Пулишиќ даде три гола, со лева и со десна нова и со глава, и стана вториот Американец (по Клинт Демпси) со хет-трик во Премиер-лигата

Меч од соништата за младиот, 21-годишен Американец Кристијан Пулишиќ во дресот на Челси. На гостувањето против Барнли (4-2), на првиот натпревар како стартер по 31 август, Пулишиќ постигна „перфектен“ хет-трик, даде три гола, со лева и со десна нога и со глава! Со тоа тој стана најмладиот играч на Челси (21 година и 38 дена) што постигнува хет-трик во Премиер-лигата и првиот со „перфектен“ хет-трик, по Дидие Дрогба, кому тоа му успеа во мај 2010-та, на натпреварот против Виган. Трите гола на Пулишиќ се уште поимпресивни ако се има предвид фактот дека досега во професионалната кариера, од дебито за Борусија пред четири години, тој нема дадено повеќе од еден гол на натпревар! Пулишиќ сезонава е инволвиран во постигнувањето осум гола за Челси, само еден помалку од Абрахам.

Пулишиќ е и првиот фудбалер од САД што дава гол во дресот на Челси во Премиер-лигата. За „сините“ од Лондон голови имаат давано играчи од 36 земји. Тој е вториот Американец (првиот е Клинт Демпси за Фулам во јануари 2012) што може да се пофали со премиерлигашки хет-трик.
– Ова е мојот прв професионален хет-трик и за малку ќе ја заборавев топката по натпреварот, но, за среќа, моите соиграчи ми помогнаа – изјави Пулишиќ за Би-би-си по мечот.

Пулишиќ, кој летово дојде во Челси од Борусија Дортмунд, за 67 милиони евра, на почетокот од сезоната добиваше шанса од менаџерот Франк Лампард, но по серијата лоши резултати го загуби местото во тимот, во нападот, покрај Мејсон Маунт, Вилијан и Калум Хадсон-Одои.
– Првите месеци беа тешки. Играв на некои мечеви, потоа го загубив местото во тимот и единствено што ми преостана беше да тренирам напорно и кога ќе добијам шанса да ја искористам. Единствено што сакам е да играм и да му помогнам на тимот да победува – вели Пулишиќ.

Капетан Америка, како што го нарекуваат Пулишиќ неговите соиграчи, е еден од плејадата млади играчи на Челси, како Маунт, Хадсон-Одои и Тами Абрахам, на кои им се предвидува блескава иднина. Од Пулишиќ се очекува да го замени Белгиецот Еден Азар, кој замина во Реал за сума од над 100 милиони евра. Пулишиќ веднаш по доаѓањето ја „смируваше топката“ и изјавуваше дека какви било споредби со Азар се неумесни, иако Белгиецот за него рече дека „сигурно ќе биде еден од најдобрите играчи во светот, и тоа многу скоро“.