Аталанта водеше со 1-0, но ПСЖ со двата гола, во 90-та и во 93-та минута направи пресврт, победи со 2-1 и се пласира во полуфиналето

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИ

Минути ја делеа Аталанта до триумф над ПСЖ и до сензационален пласман во полуфиналето од Лигата на шампионите (ЛШ) во фудбал, на мини-турнирот што се одржува во Лисабон, Португалија, зад затворени врати. Но убавиот сон на Аталанта, дебитантот во ЛШ, по водството од 1-0 (Марио Пашалиќ во 26-та минута), во финишот, во судиското продолжение, се претвори во вистински кошмар. ПСЖ во 90-та израмни на 1-1 (Маркињос), а три минути подоцна (Ерик Максим Чопо-Мотинг) го постигна вториот гол, за триумф од 2-1 и за пласман во полуфиналето, прво за францускиот шампион по 25-годишна пауза и на 50-годишнината од формирањето на клубот.

– Помислував на елиминација, признавам, реален сум. Но немав чувство дека нема да постигнеме гол. Им кажав на моите асистенти дека доколку дадеме гол ќе победиме. Потоа се мислам дека апсолутно заслужено победивме, со мала среќа, но таа е неопходна понекогаш – изјави тренерот на ПСЖ, Томас Тухел.
Најзаслужни за триумфот беа најскапите и најдобрите играчи на ПСЖ, Нејмар, кој беше прогласен за играч на натпреварот, и Килијан Мбапе, кој влезе во игра во вториот дел и внесе многу живост во играта.

Од Нејмар и од Мбапе и се очекува такво нешто имајќи предвид колку пари заработуваат. Пред мечот францускиот весник „Л’екип“ објави дека Нејмар годишно заработува околу 40 милиони евра што е повеќе од заработката на сите играчи на Аталанта, чии плати се движат од 33 до 36 милиони евра. Годишната плата на Нејмар и на Мбапе изнесува околу 55 милиони евра, а напаѓачката тројка на Аталанта, Дуван Запата, Луис Мјуриел и Алехадро Гомез, добива околу пет милиони евра! 


Меси и Левандовски адути на Барса и на Баерн

Барселона и Баерн се двата од осумте тима на завршниот турнир во Лисабон, поранешни европски шампиони, со по пет титули, што го прави уште попривлечен вечерашниот дуел, кои некои го нарекоа и финале пред финалето.
Барселона го елиминира Баерн во полуфиналето 2015 година (и ја освои титулата), кога последен пат се сретнаа. Но за многумина ова би требало да биде повторување на исходот во полуфиналето 2013, кога Баерн победи со вкупни 7-0 (ја освои титулата).

Баварците доаѓаат во Лисабон по освојувањето на двојната круна во Германија (првенството и купот), со 18 победи во низа. Во Роберт Левандовски тие го имаат најефикасниот напаѓач на Европа со 53 дадени гола сезонава, од кои 13 во ЛШ, најмногу од сите.
Барселона, пак, го има Лионел Меси, кој постигна 31 гол сезонава. Аргентинецот има 33 години, но и натаму се смета за најдобар играч на планетата. Но остануваат прашањата за квалитетот на неговите соиграчи, особено во нападот, а тренерот Кике Сетиен е под голем притисок да забележи успех во ЛШ откако Каталонците ја загубија титулата од Реал во шпанската Ла лига. 


ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
ПСЖ – Аталанта 2-1
синоќа
Лајпциг – Атлетико
денес
Барселона – Баерн
утре
Манчестер С. – Лион