Презадоволна сум од тоа како судев во Европа, мислам дека ја заслужив шансата што ми беше дадена и сметам дека бев доста успешна, вели Пројковска, која сега е во првата категорија судии на УЕФА и која лани беше главна судијка на финалето на ЕП за фудбалерки до 19 години, потоа на еден меч во ЛШ за жени и на два во квалификациите за ЕП 2021 за жени

Финалето долго ќе го паметам. Тој меч ми ја одбележа 2019 година, која генерално беше најуспешна година за мене на меѓународно ниво. Презадоволна сум од тоа како судев во Европа, мислам дека ја заслужив шансата што ми беше дадена и сметам дека бев доста успешна, вели Ивана Пројковска, која беше главна судијка на финалниот меч Франција – Германија на Европското првенство (ЕП) за фудбалерки до 19 години лани во Шкотска.

За Пројковска, која е во првата категорија судии на Европската фудбалска унија (УЕФА), делењето на правдата во финалето е најголемиот успех во досегашната судиска кариера.

– По тоа ЕП првпат бев поканета и на семинар на УЕФА со елитните судии. Потоа судев на меч во Лига на шампионите за жени, помеѓу казахстанскиот Казигурт и белгискиот Андерлехт, на 25 септември, и во квалификациите за ЕП 2021 за жени, на дуелите Малта – Италија, на 4 октомври и на Белгија – Литванија на 12 ноември. Во Македонија не можам да се пофалам со нешто слично, бидејќи не судев на ниту еден натпревар, ако се изземе мечот во 1/16-финалето од Купот на Македонија. Овој месец ќе присуствувам на семинар со елитните судии во Шпанија, на кој се полага за норми, што е еден од предусловите за напредок. Поради тоа за мене нема пауза за новогодишните и за божиќните празници, ќе морам да се подготвувам – вели Пројковска.

Таа неодамна го доби и признанието од Фудбалската федерација на Македонија за придонес во афирмацијата на македонскиот фудбал.

– Меѓу тие што посериозно се занимаат со оваа работа сме две меѓународни главни судии, три меѓународни на помошната листа и десетина што судат во младинските лиги, во трета лига и на натпревари на фудбал за жени. Добро сме прифатени од клубовите, а и играчите, исто така, се доста коректни. Што се однесува до колегите, особено поискусните, немам забелешки, сѐ е во суперлатив – вели Пројковска.
Во 2020 година, Пројковска на сите спортисти им посакува добри резултати на сите натпреварувања, европски и светски првенства, како и на Летните олимписки игри во Токио, и многу освоени медали.

– За себе посакувам барем повторување на 2019 година, ќе бидам задоволна и со тоа, иако потајно очекувам нови предизвици и нови успеси. На македонскиот фудбал му посакувам напредок на сите полиња, пласмани во завршницата на сите натпреварувања, клупски и репрезентативни, во сите категории. Се надевам дека сениорската репрезентација на Македонија ќе го помине плејофот во март и првпат ќе се пласира на ЕП – вели Пројковска, која покрај фудбалот, играла и кошарка, а во карате има црн појас.

[email protected]