Причината за шокантниот пресврт во преговорите меѓу Милан и Златан Ибрахимовиќ е позната. До почетокот на денот се очекуваше Швеѓанецот да потпише со „росонерите“, но одеднаш сè пропадна и тој веројатно ќе остане во Лос Анџелес Галакси.

Весникот „Експресен“ открива зошто трансферот не успеал. Всушност, семејството на Ибра посакало да остане во Лос Анџелес, а и сегашниот клуб уверувал дека ќе му ја зголеми платата.

Неговата сопруга и двете деца не сакале да ги напуштат САД бидејќи веќе се сместиле одлично во Градот на Ангелите и им се допаѓал животот таму. А пак од Галакси се согласиле да ја зголемат неговата плата, и тоа го убедило на крајот да остане и да го исполни својот договор.

Ибра е врзан со тимот од Лос Анџелес до 31 декември 2019 година, но се очекуваше да се врати во Милано, откако „росонерите“ ќе платат трансферна сума за него. Но, сè пропадна во последната минута и росонерите ќе треба да бараат нови алтернативи за нападот на тимот.