Оваа технологија ќе се тестира од денеска на Арапскиот куп и може да биде користена на Светското првенство во 2022 година, пишува „Би-би-си“. „Полуавтоматските офсајди“ работат со користење помеѓу 10 и 12 камери, кои собираат до 29 податоци за секој играч 50 пати во секунда

ФУДБАЛ

Употребата на технологија за да им помогне на официјалните лица да донесат попрецизни одлуки за офсајд ќе биде тестирана на Арапскиот куп на ФИФА во Катар, кој почнува денеска, пишува „Би-би-си“. „Полуавтоматските офсајди“ работат со користење помеѓу 10 и 12 камери, кои собираат до 29 податоци за секој играч 50 пати во секунда.
Ако забележи потенцијален офсајд, предупредувањето се испраќа до системот видеопомошник-судија (ВАР), кој потоа решава. Технологијата може да се користи на Светското првенство во фудбал во 2022 година.
– ВАР имаше многу позитивно влијание врз фудбалот и бројот на големи грешки е намален, но има области каде што може да се подобри, а офсајдот е еден од нив. Свесни сме дека процесот на проверка на офсајд може да потрае подолго (од другите одлуки), особено кога е многу мал. Свесни сме и дека позиционирањето на линиите можеби не е 100 отсто прецизно. Поради оваа причина, ФИФА развива технологија што може да понуди побрзи и попрецизни одговори. Ова е познато како полуавтоматски офсајд. Одлуката за офсајд се носи по анализа на позицијата на играчите, но и нивната вклученост во играта. Технологијата може да повлече линија, но процената останува во рацете на судијата. Ова останува клучно – рече Пјерлуиџи Колина, шефот за судиите на Светската фудбалска федерација (ФИФА), пренесе „Би-би-си“.
Од воведувањето на ВАР во големите европски лиги, одлуките за офсајд се меѓу најконтроверзните, а некои голови беа поништени за најмал офсајд.
– Ова се заснова на технологија за следење на екстремитетите. Софтверот ги обработува овие податоци и, во случај на офсајд, автоматизирано предупредување се испраќа до просторијата на ВАР. Тоа е причината поради која го нарекуваме „полуавтоматизиран“, на крајот, сепак, ВАР е тој што треба да потврди и го известува судијата на теренот за одлуката. Има две фокусни точки. Првиот фокус е на точката за удар, моментот на играње на топката, а вториот е кој е најблиску до голот, дефанзивецот или напаѓачот. Се надеваме дека со технологијата ќе можеме да бидеме побрзи и попрецизни – изјави директорот на ФИФА за фудбалска технологија и иновации, Јоханес Холцмилер, пренесе „Би-би-си“.