ФУДБАЛ

Фудбалерот на Барселона, Педри (18), е добитник на наградата „златно момче“ за најдобар млад играч до 21 година во Европа, во изборот на италијанскиот весник „Тутоспорт“. За Педри, кој е надвор од терените од септември, поради повреда, гласаа 36 од 40-те новинари, кои му доделија 318 поени, 199 повеќе од играчот од средниот ред на Англија и на Борусија Дортмунд, Џуд Белингам, што е рекордна разлика.
Минатата сезона Педри одигра повеќе минути од кој било друг играч на Барселона, настапи на Европското првенство (ЕП) во 2020 година и го освои олимпиското сребро во Токио со Шпанија. Во октомври, Педри, кој дојде во Барселона од Лас Палмас во 2020-та, потпиша нов договор со каталонскиот клуб, кој вклучува откупна клаузула од една милијарда евра.
Минатата година наградата, која се доделува од 2003 година, ја доби напаѓачот на Борусија Дортмунд, Норвежанецот Ерлинг Холанд. Добитници на ова признание се и Вејн Руни, Лионел Меси, Серхио Агуеро, Рахим Стерлинг, Килијан Мбапе итн.