Предлогот привремено да се заменат фудбалери ако се сомнева дека имаат потрес на мозокот е на дневен ред на годишниот состанок на Меѓународниот фудбалски борд, а во февруари би можела да биде донесена одлука на ЕП 2020 првпат во фудбалот да има привремена замена

Привремените замени поради потрес на мозокот би можеле првпат да бидат воведени во фудбалот на Европското првенство (ЕП) во 2020 година, објави „Би-би-си“. Предлогот да се заменат играчите доколку се сомнева дека имаат потрес на мозокот е на дневен ред на годишниот состанок на Меѓународниот фудбалски борд (МФБ) идната недела.
Предлогот, исто така, ќе биде на дневен ред за годишната генерална средба во февруари, што е местото каде што може да се направат измени во правилата пред потенцијалната примена на ЕП 2020.

– Одборот ќе ја продолжи и дебатата што почна за време на состанокот на советничкиот панел во октомври, за процената на потрес на мозокот и неговото евентуално менаџирање за време на натпреварите на различни нивоа – пишува во соопштението што го пренесе „Би-би-си“.

МФБ е во процес на назначување група медицински и правни експерти за да ја разгледаат можноста за спроведување на предлогот, што ќе им даде на играчите повеќе време да бидат проценети од тимските лекари.

Синдикатот во рагби воведе систем што им овозможува на тимските медицински лица да повлечат повреден играч од теренот доколку има знаци на потрес на мозокот. Додека повредениот играч е надвор од теренот, рагби-екипите се во можност привремено да го заменат тој играч, кој потоа може да се врати на теренот.