Премиерлигашот Манчестер јунајтед потврди дека го назначи Оле Гунар Солскјер за постојан менаџер на тимот. Норвежанецот доби тригодишен договор од раководството на „Црвените ѓаволи“.

Солскјер (46), пристигна на „Олд Трафорд“ како привремен менаџер во декември и го замени Португалецот Жозе Мурињо. По кризниот период, лошите игри и недоразбирањата на Мурињо со играчите, Норвежанецот успеа да ги врати црвените од Манчестер на победничките патеки.

Оле Гунар 11 сезони беше играч на Јунајтед за време на ерата на легендарниот Сер Алекс Фергусон, а навивачите на тимот го паметат по победничкиот гол во финалето на Лигата на шампионите во 1999 година.

– Ова е работа за која отсекогаш сум сонувал да ја работам и сум повеќе од возбуден да го водам тимот на долг рок. Уште од привот ден која дојдов, се чувстувам како дома во овој специјален клуб. Чест ми беше да бидам играч на Манчестер јунајтед и сега да менаџер тука – рече Солскјер.

Солскјер дополни дека последните неколку месеци на чело на екипата биле фантастично искуство за него, а доказ за тоа се и одличните резултати на тимот по преземањето на кормилото од Мурињо.

Манчестер јунајтед беше на шестото место во Премиер лигата и 11 бодови зад првата четворка кога Норвежанецот беше назначен за привремен менаџер, но оттогаш „ѓаволите“ загубија само еднаш во 13 натпревари и сега се само два бода зад 4-тото место во лигата зад Арсенал кое обезбедува директен пласман во Лигата на шамипоните следната сезона.

Извршниот заменик-претседател на Манчестер јунајтед Ед Вудвард изјави дека назначувањето на Солскјер е многу заслужено и дека резултатите на Норвежанецот зборуваат сами за себе.

– Од неговото преземање на тимот во декември, Оле донесе одлични резултати. Но, неговото назначување не е само поради добрата игра и победите, тој носи огромно искуство, и како тренер и како играч, заедно со желбата да им даде шанса на младите играчи и неговото длабоко разбирање на културата на клубот – рече Вудвард.