Мадридските ривали Реал и Атлетико остануваат меѓу потписниците на Суперлигата

Суперлигата разгледува можности за „измена на проектот“ откако во неа останаа шпанските Реал Мадрид, Барселона и Атлетико Мадрид, заедно со италијански Јувентус, од 12-те потписници, по повлекувањето на сите англиски клубови, како и наводното откажување на италијанските Интер и Милан.

– Наспроти најавеното повлекување на англиските клубови, кои беа приморани на таквата одлука поради притисокот врз нив, ние сме убедени дека нашиот предлог е во потполна согласност со европското право и регулативи – се наведува во соопштението на Суперлигата, во кое се истакнува и убеденоста за потребната промена на сегашниот статус кво во европскиот фудбал.

Манчестер сити беше првиот клуб што се откажа од идејата откако Челси ја објави намерата за подготвување на документацијата за повлекување. Нивниот пример набргу го следеа Арсенал, Ливерлуп, Манчестер јунајтед и Тотенхем, а наводно и ривалите од Милано – Интер и Милан.

Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин ја поздрави одлуката за повлекување на дел од клубовите.

–  Кажав дека е доблесно да се признае грешката, а овие клубови направија голема грешка. Но сега се вратија и знам дека имаат многу да понудат, не само на нашите натпреварувања, туку на европскиот фудбал во целина. Важно е да продолжиме и да го обновиме единството кое играта го уживаше пред ова, и заедно да одиме напред – кажа Чеферин.

Претседателот на Јувентус, Андреа Ањели, пак, во интервју за италијанска „Ла Република“ истакна дека преостанатите клубови ќе продолжат со проектот и дека уште постои стоотстотна шанса за успех. Во меѓувреме, дел од медиумите известија дека тој поднел оставка на функцијата, но уште нема официјална потврда на таквите информации. Претходно беше соопштено дека извршниот директор на Манчестер јунајтед Ед Водворд ќе се повлече од функцијата на крајот од годинава. Ањели и Вудворд се меѓу главните заговорници за формирање на Суперлигата, заедно со претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез.

Идејата за формирање на Суперлигата во која дел од најбогатите европски клубови би имале гарантирано учество, наиде на осуда од фудбалерите, навивачите, меѓународните фудбалски организации, националните фудбалски сојузи, како и од политичарите ширум Европа.