Бранителот на титулата, Манчестер сити, се смета за прв фаворит за нова, трета титула во низа, а вицепрвакот и европски шампион, Ливерпул, ќе се обиде по пауза од 30 години, по 19-ти пат да биде првак

Со вечерашниот прв меч, Ливерпул – Норич (стадион „Енфилд“, 21 часот), ќе започне новата сезона во англиската Премиер-лига. Напаѓачот на „црвените“ Садио Мане има шанса, се разбира доколку настапи на овој меч, да биде првиот фудбалер по Теди Шерингам во 1995-та што четири сезони едноподруго дава гол на премиерните натпревари. Во минатите три сезони Мане даваше голови на премиерните мечеви против Арсенал, Вотфорд и Вест Хем.

Бранителот на титулата, Манчестер сити, се смета за прв фаворит за нова, трета титула во низа со што ќе се вброи во елитното друштво и ќе му се придружи на Манчестер јунајтед на кого тоа двапати му успеа во ерата на Премиер-лигата, од 1998 до 2001 и од 2006 до 2009 година. Претходно само три клуба биле прваци на Англија трипати во низа, Ливерпул (1981-1984), Арсенал (1932-1935) и Хадерсфилд (1923-1926).
Европскиот првак Ливерпул, кој лани заостана само еден бод зад Сити, со рекордни 97 бода за второпласиран тим, во новата сезона ќе се обиде да се искачи за едно скалило повисоко, да го прекине 30-годишниот пост и да ја освои 19-та шампионска титула.

Како фаворити од сенка и за места што водат во групната фаза во Лигата на шампионите (ЛШ), се сметаат другите тимови од т.н. „голема шесторка“, кои во минатите три сезони беа на првите шест позиции. Тоа се европскиот вицепрвак, Тотенхем, освојувачот на Лига Европа (ЛЕ), Челси со новиот менаџер Франк Лампард, Манчестер јунајтед, кој потроши многу пари летово за засилувања, и Арсенал. Шанса да им ги замрсат сметките им се даваат на Лестер, Евертон и на Вулверхемптон.
На другиот крај од табелата, на последните три позиции во мај 2020-та, што водат во понизок ранг во Чемпионшип, би требало, барем според прогнозите, да се најдат новопромовираните премиерлигаши, Норич и Шефилд јунајтед, потоа Њукасл, односно Брајтон.

Во новата сезона во Премиер-лигата првпат ќе се применува видеоасистент-судијата (ВАР), а ќе има и некои новитети, поголеми или помали во правилата на играта. Првпат менаџерите и тренерскиот персонал ќе добиваат жолти и црвени картони за неспортско однесување. Играчите што ќе бидат заменети ќе треба да го напуштаат теренот најблиску до аут-линијата, а не како досега кај клупата за резервни играчи. При изведувањето на слободните удари во живиот ѕид не смее да има играчи на тимот што го изведува ударот. Топката при уфрлање во игра не мора, како досега, да излезе надвор од 16-те метри, а голманите со едната нога мора да бидат на гол-линијата и не смеат да излегуваат напред при изведувањето пенали. Се укинува и правилото за мртва топка, односно таа ќе им се дава на играчот и на тимот што последни ја имале во посед или ако прекинот бил во 16-те метри на голманот. Секој постигнат гол при играње со рака или со рамо, намерно или ненамерно, се поништува.