Клубовите во англиската Премиер-лига ја разгледуваат опцијата за завршување на годинашната сезоната помеѓу јули и септември, пред почетокот на кампањата 2020/2021, за да се реши еден од многуте проблеми предизвикани од кризата со коронавирусот, пишува весникот „Индепендент“.

Клубовите од елитната лига веќе одржаа еден итен состанок откако беше потврдено дека шампионатот е суспендиран до 4 април. За четврток е најавен уште еден таков состанок на кој ќе се разговара за многу горливи теми. Повеќето вклучени во целата работа сметаат дека тој датум (4 април) е само заради купување време, бидејќи има широко распространети стравувања дека фудбалот во цела Европа би можел да биде суспендиран до септември.

Сите 20 клуба ги разгледуваат сите потенцијалните решенија, особено од аспект на финансиските загуби со кои можат да се соочат многу клубови доколку натпреварите се одложат во недоглед.
„Одложена заработка“ преку одложување натпревари, очигледно, се смета за подобра опција отколку воопшто да нема заработка, што би се случило во случај на откажување и преран крај на сезоната. Завршувањето во периодот јули-септември се смета за најдобрата можна опција во моментов и за која би можело најмногу да се дискутира.

Единственото прашање и дилема е дали УЕФА утре ќе го утврди целиот календар на натпревари и ќе го усогласи за сите лиги во Европа. Тоа би можело да ги наруши плановите на Премиер-лигата, особено ако се покаже дека играњето мечеви во периодот јули-септември е невозможно во некои земји.