Шест клуба се против планот за играње на неутрални стадиони, односно го условуваат тоа со неиспаѓање во Чемпионшип, објави „Телеграф“

Сѐ поголем број клубови во англиската фудбалска Премиер-лигата се за доигрување на сезоната на неутрални стадиони, но некои го условуваат тоа со неиспаѓање. Брајтон, Вотфорд, Вест Хем, Борнмут, Норич и, во помала мера Астон Вила, се против планот за играње на неутрални стадиони, што предизвикува загриженост дека „Проектот за рестартирање“ може да пропадне, објави „Телеграф“.
Постигнувањето договор за неиспаѓање, според еден извршен директор, би можело да ги убеди последните три тима да ги доиграат своите натпревари. За оваа идеја засега официјално не е дискутирано, но тоа би можело да предизвика реакција кај оние клубови што не се во опасност од испаѓање, бидејќи недовршената сезона би значела вкупна загуба од 762 милиони фунти (867,5 милиони евра) од ТВ-правата.

Друг клупски извор за „Телеграф“ изјави дека постои „голема борба“ меѓу клубовите што се безбедни и оние што се на дното. Доколку нема испаѓање, две или три екипи теоретски од дивизијата Чемпионшип би биле промовирани во нови членови на Премиер-лигата, која во следната сезона би имала 22 или 23-тима.
Премиер-лигата допрва треба да одлучи на кои неутрални стадиони би се играле преостанатите 92 меча, но анализата на „Телеграф“, заснована врз системот за оценување што ќе го користат полицијата и Управата за безбедност во спортот, сугерира дека стадионите на Вест Хем, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Брајтон, Саутемптон, Арсенал, Лестер и на Астон Вила се релативно добро приспособени. Стадионите на Вулверхемптон, Борнмут, Тотенхем, Челси и на Норич, исто така, ги исполнуваат клучните критериуми, но оние на Ливерпул, Евертон, Вотфорд, Барнли, Шефилд, Кристал Палас и на Њукасл се чини дека нема да се користат.

Протоколот за тестирање играчи за коронавирус, кој треба да го донесе Јавното здравство на Англија, исто така, е под зголемен надзор по трите позитивни теста меѓу играчите (и персоналот) во германскиот Келн. Премиер-лигашите се надеваат дека ќе продолжат со тренинзи од 18 мај, а со натпревари од 8 јуни. Мнозинство од 14 клуба е потребно за да се усвои која било измена или ново правило во Премиер-лигата. Но дури и ако само шест клуба што се на дното од табелата се спротивстават на идејата, не е јасно што би се случило доколку некој едноставно одбие да игра. 


Критериуми за избор на стадионите

Клучните критериуми при изборот на стадионите за доигрување на сезоната во англиската фудбалска Премиер-лига вклучуваат локација на стадионот и надворешноста во контекст на потенцијално собирање на луѓето. Ова значи дека стадионите што тешко се оградуваат или се блиску до центарот на градот или до квартови за домување, ќе се сметаат за непрактични. Постарите стадиони, кои се со потесни ходници или со помали соблекувални, исто така, нема да се користат, а ќе се земат предвид и локалните стапки на инфекција со коронавирусот. Останува загриженоста во врска со ограничувањата на спонтаните собири на гледачите околу стадионите.