Англиската врвна лига е единственото големо натпреварување во Европа со ограничување на три замени, по одлуката на ФИФА да го продолжи правилото што го воведе пред завршувањето на минатата сезона. Клубовите од Премиер-лигата претходно двапати гласаа против зголемувањето на пет замени

ФУДБАЛ

Англиската фудбалска Премиер-лига почна со потези за одново да се дозволи употреба на пет замени на своите натпревари во домашното првенство, пишува британскиот „Гардијан“. Англиската врвна лига е единственото големо натпреварување во Европа со ограничување на три замени, по одлуката на Светската фудбалска федерација (ФИФА) да го продолжи правилото што го воведе пред завршувањето на минатата сезона и дозволи да се користи и во новата.
По три замени имаше и во пониските англиски фудбалски лиги, но во средата управувачкото тело одлучи да се приклучи на остатокот од континентот и да се согласи на повеќе фудбалери на клупата, а тоа правило за пет замени стапи во сила вчера, пишува „Гардијан“.
Клубовите од англиската фудбалска Премиер-лигата претходно двапати гласаа против зголемувањето на пет замени, а мнозинството од нив сметаат дека таквата промена ќе им користи само на побогатите клубови.

Неколкумина јавно зборуваа во прилог на правилото за пет замени на еден натпревар, вклучувајќи и некои надвор од таканаречената голема шестка, како Ралф Хасенхитл од Саутемптон и Дејвид Мојс од Вест Хем. Јирген Клоп од Ливерпул и Пеп Гвардиола од Манчестер сити се особено критични кон постојните регулативи.
Иако дополнителните измени можат да им дадат најголема помош на оние со поширок состав, стана јасно дека сезоната 2020/2021 создаде поголем ризик од повреди на мускулите кај сите играчи, пишува „Гардијан“.
Според правилото на ФИФА, тимовите можат да менуваат фудбалери во три периоди за време на еден натпревар, не вклучувајќи ги замените направени во паузата помеѓу двете полувремиња.