Сите газди на клубовите ќе мора да потпишат согласност за новото правило, за „почитување на основните принципи“ на лигата, а за прекршувањата ќе следуваат „значајни“ санкции

ФУДБАЛ

Премиер-лигата најави дека ќе воведе нов пропис за да ги спречи обидите на газдите на клубовите за повторно отцепување и за создавање суперлига. Ова ќе следува откако Манчестер јунајтед, Манчестер сити, Ливерпул, Челси, Арсенал и Тотенхем неодамна решија да ѝ се приклучат на неуспешната европска суперлига. Сите газди ќе мора да потпишат согласност за новото правило, за „почитување на основните принципи“ на лигата, а за прекршувањата ќе следуваат „значајни“ санкции, пишува „Би-би-си“.
Фудбалската асоцијација (ФА) и Премиер-лигата бараат од Владата да донесе и законска регулатива за заштита на фудбалската пирамида и за „интегритетот на фудбалската заедница“.
– Настаните во последните две недели ги разнишаа темелите на англискиот фудбал. Овие мерки се дизајнирани да ја запрат заканата од отцепени лиги во иднина – соопшти Премиер-лигата.

Од Премиер-лигата додаваат и оти „ја препознаваат силата на чувствата“ меѓу навивачите, но апелираат протестите да останат мирни. Ова следуваше по протестот на навивачите на Манчестер јунајтед пред мечот со Ливерпул, што резултира со повреда на двајца полицајци, истакнува „Би-би-си“.
Предлогот за суперлигата, во кој беа вклучени 12 најголеми и најбогати клубови во Европа, пропадна за 72 часа по негативните реакции од навивачите, играчите и раководните тела и политичарите во Англија. Имаше и барања за казни на клубовите, вклучувајќи одземање бодови, испаѓање и забрани за настап во европските натпреварувања.