Девет од почетните 11 играчи во составот на Белгија на мечот со Бразил во четврт-финалето настапуваат во англиската Премиер-лига, а во клубови од Англија играат 40 од 92-та фудбалери на полуфиналистите на СП 2018

Белгија во вечерашното полуфинале на Светското првенство (СП) во фудбал во Русија, против Франција игра за место во големото финале, но каков и да биде исходот од тој меч „победник“ на ова СП ќе биде Премиер-лигата. Оваа констатација се темели на фактот дека, на пример, девет играчи од почетните 11 во составот на Белгија на мечот со Бразил во четврт-финалето играат во клубови од Премиер-лигата.

Ако во финалето на СП евентуално се сретнат Белгија и Англија тоа ќе може да се нарече и финале на Премиер-лигата. Во клубови од Англија настапуваат 40 од 92-та фудбалери на полуфиналистите. Селекторот на Белгија, Шпанецот Роберто Мартинез, кој има искуство како менаџер во Премиер-лигата (Виган, Евертон) во почетните 11, во нападот ги имаше Ромелу Лукаку од Манчестер јунајтед, Еден Азар од Челси, кој трипати беше прогласуван за играч на сезоната и Кевин де Брујне од Манчестер сити, еден од најдобрите сезонава и прв асистент.

Во последната одбранбена линија на белгиската репрезентација беа играчите на Тотенхем, Јан Вертонген и Тоби Алдервеирд, заедно со веројатно најдобриот централен дефанзивец на Премиер-лигата во последната деценија, Венсан Компани од Манчестер сити. Тука неизбежен е и играчот на мечот со Бразил, голманот на Челси, Тибо Куртоа. Можеби клучни за големиот пресврт во мечот против Јапонија (3-2) во осминафиналето беа стрелците на вториот и на третиот гол, Марун Фелаини (Манчестер Ј.) и Насер Чадли (ВБА, претходно Тотенхем), кои влегоа во игра од клупата за резервни играчи, а потоа беа стартери против Бразил.

На СП во Русија, Англија има 23 играчи од Премиер-лигата, а за очекување е на двата полуфинални меча меѓу 44-та стартери да има 25 фудбалери (меѓу нив и тројца од четворицата голмани) што настапуваат во Премиер-лигата.

Следна најдобра лига во полуфиналето на СП е шпанската Ла лига со осуммина играчи, четири во Франција, тројца во Хрватска и еден во составот на Белгија. Од германската Бундес-лига има четворица стартери, по двајца во тимот на Франција и на Хрватска. Од Серија А има тројца Хрвати во полуфиналето. И покрај пласманот на Франција во полуфиналето, во нивниот состав има само еден играч од домашната Лига 1, Килијан Мбапе од ПСЖ, плус хрватскиот голманот на Монако, Даниел Субашиќ. Л.Д.