При пристигнувањето на стадионот, кој ќе биде поделен на три зони, секој играч и член на стручниот штаб ќе мора да покаже клинички пасош, за да се види дека е негативен на ковид-19 во претходните пет дена

Англиската Премиер-лига продолжува денеска, три месеци по прекинот поради пандемијата на коронавирусот, со два натпревара, Астон вила – Шефилд и Манчестер сити – Арсенал. До крајот на сезоната треба да се одиграат вкупно 92 меча, кои ќе бидат пренесувани во живо на телевизија. За да се создаде подобра атмосфера, ТВ-операторите ќе користат снимена бучава што се употребува во компјутерските игри, објави „Ројтерс“.

Ливерпул се наоѓа на лидерската позиција со 25 бода предност пред Манчестер сити и потребни му се уште шест бода за заверка на титулата, прва по пауза од 30 години. Интересна ќе биде битката за местата што обезбедуваат настап во Лигата на шампионите (ЛШ) следната сезона. Сити е втор, но е суспендиран на две години од УЕФА и големо прашање е дали жалбата ќе биде позитивно решена. Во таква ситуација шансата ја гледаат третопласираниот Лестер, Челси и Манчестер јунајтед, кои се на четвртото и на петтото место. Но во игра се Вулверхемптон, Шефилд, Тотенхем, Арсенал, па дури и Барнли и Кристал Палас. На дното е Норич, кој има шест бода од безбедната зона и е со најмалку шанси да се спаси од испаѓање. Астон Вила и Борнмут ги заземаат другите две места што водат во понизок ранг, но во слична ситуација се Вотфорд, Вест Хем и Брајтон.

Сите натпревари до крајот на сезоната ќе се играат во многу поинаков амбиент, на празни стадиони, без публика, со многубројни здравствени протоколи и други мерки при пристигнувањето на тимовите на стадионите, излегувањето на терен итн.
Стадионите ќе бидат поделени на зони. Црвената ги опфаќа теренот, тунелот и техничките области и ќе биде ограничена на 110 лица. Секој тим ќе добие дозволи за 37 лица во таа зона. Од нив, 20 ќе бидат за играчите, 12 за тренерите и дополнителни пет за најнеопходните членови. Зелената и килибарната зона ќе бидат достапни за преостанатите 222 лица. Тука спаѓаат луѓето од ТВ-компаниите, новинари од печатените и од електронските медиуми. Ќе ги нема момчињата да ги враќаат топките на теренот. Наместо нив на неколку позиции околу теренот ќе има топки, кои ќе се дезинфицираат пред употреба. Од сите играчи и вработени во клубот ќе се бара да се тестираат по двапати неделно. При пристигнувањето на стадионот, секој играч и член на стручниот штаб ќе мора да покаже клинички пасош, всушност баркод, кој ќе биде скениран и треба да покаже дека лицето е негативно на ковид-19 во претходните пет дена.

Тимовите нема заедно да излегуваат на теренот, туку еден по еден или преку посебни влезови. Ракување пред и по натпревар ќе нема, како и размена на дресови. Од играчите ќе се бара да не плукаат или да ги чистат ноздрите, но нема да носат маски за лице додека седат на клупата за резервни играчи.
За остатокот од сезоната ќе бидат дозволени по пет наместо вообичаените три измени, како и можноста да се пријават по девет, наместо по седум резервни играчи како досега.


„Црните животи се битни“

На првите 12 натпревари наместо имињата на играчите на дресовите ќе стои натпис „Црните животи се битни“ како дел од кампањата против расизмот. На играчите ќе им биде дозволено да клекнуваат на колено пред мечот и при постигнување гол.